12 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОКако Брегзит би влијаел врз Премиерлигата?

Како Брегзит би влијаел врз Премиерлигата?

pl liga 33

Евентуално напуштање на Европската унија (ЕУ), од страна на Велика Британија т.н. Брегзит, би ја соочила Премиерлигата со неизвесна иднина, пренесува Еурактив, иако некои сметаат дека тоа би делувало позитивно, бидејќи домашните играчи ќе го најдат своето место во неа, без да треба да се борат со конкуренцијата, односно со фудбалери кои доаѓаат од земјите на ЕУ и кои играат за финансиски помали договори.

Копјата се кршат во Велика Британија околу тоа како ќе се одрази евентуалното излегување на земјата од ЕУ врз едно од најквалитетните фудбалски натпреварувања во светот, Премиерлигата. Се потенцира дека Брегзит ќе го намали квалитетот на лигата и сериозно ќе ги загрози богатите спонзорски договори.

Потпретседателката на Вест Хем, Карен Брејд, уште минатата година предупреди дека излегувањето од ЕУ ќе има разорни последици по Премиерлигата.

Таа е загрижена околу важечките прописи за слободата на движење кои на англиските клубови им овозможува да носат играчи од ЕУ, а при тоа да не мора да им издаваат работни дозволи.

Од друга страна, играчите кои доаѓаат надвор од границите на ЕУ, мораат да задоволат строги критериуми (одреден број на меѓународни натпревари и на кое место се наоѓа нивната репрезентација на ФИФА листата) за да добијат работни дозволи.

Истражувањето кое во септември минатата година го направи Гардијан покажува дека две третини од играчите во Премиерлигата не ги исполнуваат наведените критериуми.

Тука е вклучен квартетот на Манчестер Јунајтед (Антони Марсијал, Морган Шнајдерлин, Давид де Хеа, Хуан Мата), како и дефанзивците на Челзи, Курт Зума и Цезар Аспиликуета.

Со помал број на фудбалски ѕвезди би била помалку привлечна и за спонзорите, што би им го отворило патот на конкурентските првенства, како што се шпанската Примера или германската Бундеслига, да ја потиснат Премиерлигата во втор план.

Водството на Премиерлигата сѐ уште не излегла со став во врска со референдумот, на кој на 23-ти јуни Британците ќе гласаат дали државата ќе остане во ЕУ.

Фубалската асоцијација на Англија (ФА), исто така не го коментира референдумот, но според упатените, оваа организација би имала повеќе корист од Брегзит, отколку интернационално ориентирната Премиерлига.

Клубовите многу потешко би се решавале за трансфери на играчи од странство, што ширум ќе им ги отвори вратите на британските играчи.

Инаку, ФА веќе ги има заострено критериумите за влез на фудбалери кои доаѓаат надвор од ЕУ, сѐ со цел да им овозможи повеќе простор на домашните фудбалери.

Членот на Партијата за независност на Обединетото Кралство, Вејн Харлинг, смета дека излегувањето од ЕУ ќе овозможи младите играчи да ја добијат вистинската шанса, а како пример го посочува 18-годишниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд.

„Рашфорд игра само поради тоа што Јунајтед има голем број на повредени играчи. Да не е тој проблем, тој веројатно никогаш не би добил вистинска шанса. Академиите не успеваат да издејствуваат стални договори за играчите бидејќи е поевтино да врбуваат веќе формиран играч кој доаѓа од странство“, рекол Харлинг.

Инаку не е мал бројот и на оние кои сметаат дека и доколку Велика Британија излезе од ЕУ, тогаш властите, односно телата кои се задолжени за фудбалот, ќе мора да најдат начин да го намалат влијанието на Брегзит.

„Мислам дека ќе се менуваат прописите за добивање на работна дозвола, доколку Брегзит се случи, бидејќи сметам, дека властите ќе сакаат британските клубови да ја задржат можноста да можат да ги врбуваат најдобрите европски играчи“, вели Даниел Лоуен, партнер во водечката адвокатска канцеларија за спорт „Кушманс“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП