24 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМакедонија земја во фокус на Фебиофест во Прага

Македонија земја во фокус на Фебиофест во Прага

фебио

Оваа година Македонија е земја во фокус на Меѓународниот филмски фестивал Фебиофест, кој деновиве е во тек и ќе трае до 25. март во Прага, Република Чешка.

Во рамките на програмата „Фокус на македонскиот филм“ ќе бидат прикажани осум македонски долгометражни играни филмови.

Дел од програмата се филмски остварувања на нашиот еминентен и меѓународно реномиран режисер Столе Попов, односно неговото најново филмско остварување „До балчак“, како и дигитално реставрираните филмови „Тетовирање“ и „Џипси Меџик“ кои се дел од проектот за дигитална реставрација на целокупниот филмски опус на Столе Попов, реализиран од Кинотеката на Македонија во 2011 година.

Во рамките на програмата „Фокус на македонскиот филм“ ќе се прикажат и филмските остварувања, „Медена ноќ“, „ 90 минути -Берлин проект“ и „Големата вода“ во режија на уште еден македонски меѓународно афирмиран режисер, Иво Трајков.

Фокусот на македонскиот филм и кинематографија е збогатен со уште две најнови филмски остварувања од македонската филмска продукција, односно најновиот филм на Светозар Ристовски „Лазар“ и дебитантското остварување на Даријан Пејовски „Три дена во септември“.

За значењето на филмските остварувања на режисерите Столе Попов и Иво Трајков како и за развојот на македонската кинематографија, денес е организирана и прес-конференција посветена на македонската кинематографија во присуство на Столе Попов и Иво Трајков.

Како дел од Фокусот на македонската кинематографија веднаш по прес конференцијата во рамките на програмата на Фебиофест следува панел дискусија на која ќе учествува директорката на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска Илиевска. Панел дискусијата е посветена на копродукциите, односно различните пристапи кон филмската индустрија, правилата, можностите и начините за добивање финансиска поддршка, улогата и значењето на копродукциите како и позитивните и негативните страни на меѓународните копродукции.

Директорката на Агенцијата за филм во рамките на својот престој во Прага ќе оствари средби и со афирмирани продуцентски куќи, како и претставници на ФАМУ во интерес на унапредување на филмската дејност во Македонија.

Имајќи го предвид значењето на овој фокус на македонската кинематографија, значајни филмски професионалци од Република Чешка како и други меѓународни гости на Фебиофест се поканети на неформална средба и дегустација на македонски вина од страна на Паскал Стојчески, амбасадор на Македонија во Чешка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП