На Волстрит во понеделникот берзанските индекси останаа речиси непроменливи поради падот на цените на нафтата и претпазливост.
Индексот Dow Jones зајакна за 0,09 отсто, на 17.229 поени, а индексот Nasdaq за 0,04 проценти, на 4.750 поени. Индексот S&P 500, пак, се намали за 0,13 отсто, на 2.019 индексни поени.
Седум од десетте сектори на S&P 500 индексот во понеделникот загубија на вредноста, а меѓу најголемите губитници беа акциите во енергетскиот сектор, со пад од 0,6 отсто. Тоа е последица од падот на цените на нафтата на американскиот пазар за повеќе од 3 отсто, на 37,18 долари за барел, додека на лондонскиот пазар, барелот поевтини за 2 процента, на 39,53 долари.
Во последните четири седмици берзанските индекси на Волстрит растеа токму поради закрепнувањето на цените на нафтата, по остриот пад во јануари и почетокот од февруари, меѓутоа во понеделникот цените на „црното злато“ паднаа бидејќи вложувачите стравуваат дека јазот меѓу понудата и побарувачката на пазарите и натаму е голем за да ги оправда натамошниот подем на цените.
Поддршка на пазарите минатата седмица им дадоа и новите поттикнувачки мерки на Европската централна банка (ЕЦН),како и сигналите за заздравување на американската економија по забавувањето на растот во последниот лански квартал. Меѓутоа, заздравувањето на најголемата светска економија би можело да значи и тоа дека централната банка на САД Federal Reserve (Fed) во оваа година ќе продолжи со зголемувањето на клучните каматни стапки.
Во вторник започнува дводневната седница на челниците на Fed, но никој не очекува промена во монетарната политика уште отсега, но вложувачите внимателно ќе ги следат сигналите кога централната банка би можела да ги зголеми каматите.
На претпазливоста на инвеститорите укажува и слабиот обем на тргување. На американските берзи во понеделникот сопствениците ги заменија само околу 6,3 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 дена изнесуваше 8,3 милијарди акции.