20 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на цртежи на младиот графички и веб дизајнер Давид Ристевски

Изложба на цртежи на младиот графички и веб дизајнер Давид Ристевски

izlo-izlo

Првата самостојна изложба на цртежи на младиот графички и веб дизајнер Давид Ристевски, попознат какао Dreadpen, ќе биде отворена во понеделник, со почеток во 20 часот, во Concept 37 во Скопје. 

Изложбата носи наслов „Инвазија од чудовишта“ (Monster Invasion) и е инспирирана од не/секојдневни искуства, стрипови, цртани и филмови.

„Јас се трудам да ја прикажам интересната, светлата и насмеаната страна на чудовиштата. Не сакам асоцијација за чудовиште да ми биде нешто страшно. Затоа, на моите цртежи ги претставувам во друго светло, во интересни и смешни ситуации, како би можеле да не насмеат, да ни го разубават денот и да не оттргнат за момент од сивилото“, вели авторот Давид Ристевски.

Процесот на создавање на чудовиштата започнува со молив, а завршува на компјутер. При тоа некои од нив добиваат и текст, со што излегуваат од дводимензионалноста, добиваат карактеристика на вистински жив лик, кој ви се чини дека одамна го познавате и со кого може да разговарате.

„Инспирацијата за овие дела ја пронајдов во стрипови, цртани и филмови. Процесот на создавање на ликовите најчесто е спонтан и на некој начин претставува имагинарен излез од секојдневието кој еволуира во карактер. Со тек на време тој карактер прераснува во подобро осмислен и со своја приказна“, додава Ристевски.

Инвазијата од чудовишта ќе биде претставена во 22 дела/ цртежи со димензии од 40x40cm. Ќе бидат изложени и нови и веќе објавени илустрации. На изложбата ќе може да се најдат и маички со ликовите од чудовиштата, кои заедно со сликите ќе бидат од продажен карактер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП