Голем број на причини нотираа ревизорите во однос на слабиот регионален развој кој засега е само на хартија и не дава речиси никакви резултати. Во кратки црти како дефиниција може да се каже дека јавните инвестиции се заглавени во локални приоритети.
Имено, Државниот завод за ревизија под лупа ги стави ефектите од трошењето на јавните пари за рамномерен регионален развој. Тоа што е констатирано е дека не постои јасен критериум за регионални проекти, има распределба на средства преку линиските министерства наспроти распределба на средства преку Програмата за рамномерен регионален развој, потоа распределба на средства на општини и проекти без јавен повик во нетранспарентна постапка, и натаму има отсуство на систем за оценка и одржливост на проектите кое има влијание на ефектите од јавните инвестиции во регионалниот развој.
Целта на ревизорите со овој извешатај е да се утврди дали јавните инвестиции се ефикасно и ефективно планирани и спроведени, и дали придонесуваат за долгорочно одржлив регионален развој. Со ревизијата е опфатен периодот од 2021 до 2023 година, при што се анализирани јавните инвестиции за рамномерен регионален развој за кои од Буџетот се одобрени средства за финансирање на проекти на општините и планските регионите, вклучувајќи податоци и активности спроведени до денот на изготвување на извештајот. Според правилата за распределба на средства за рамномерен регионален развој во износ од најмалку од 1% од БДП од Буџетот на годишно ниво не се постигнати, изборот на проекти не е ефективен со цел финансирање на проекти за јавни инвестиции за потребите на граѓаните со ефект врз регионалниот развој, а исто така не е воспоставен и ефикасен мониторинг и отсуствува систем за оценка на одржливост на проектите пред да се одобрат и после завршување.
„За 2023 година според податоците добиени од Министерство за финансии распределените средства за регионален развој изнесуваат 2,91% од БДП, додека според СиРеРа системот изнесуваат 0,74% од БДП. Од овие средства само 5% до 10% се алоцирани преку Програмата за рамномерен регионален развој, а остатокот се распределени преку програми на други министерства за кои поради отсуство на подзаконски акт предвиден во законот не може да се утврди ефектот врз регионалниот развој“, стои во икзвештајот на ДЗР.
Ревизорите констатирале дека како средства наменети за рамномерен регионален развој, не се земени предвид јавните инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта за изградба на регионални патишта, експресни и автопати со регионално значење. Овие капитални проекти директно се поврзани со приоритетот од Стратегијата за рамномерен регионален развој и претставуваат значаен финансиски ангажман. Во 2023 година, овие инвестиции изнесувале околу 388 милиони евра.
„Постојниот системот за распределба на средства уреден со Законот за рамномерен регионален развој не обезбедува ефикасен процес за селекција на проекти. Средствата се доделуваат само според степенот на развиеност на планскиот регионот, без јасно дефинирани приоритети и критериуми за оценка на проектите и недоволно обезбедени средства за финансирање на проекти. Со извршената ревизија констатирано е дека нема систем за мерење и признавање на регионални проекти усогласен со добрата пракса на ЕУ и нема јасни критериуми за одредување на тоа дали една инвестиција спаѓа во категорија проекти со регионално влијание или проекти за локален развој“, стоии во извештајот на ДЗР.
Ревизорите прочешлаа 76 инвестициони проекти финансирани преку Програмата за рамномерен регионален развој, Програмата за намалување на регионалните диспаритети, како и преку Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина и просторно планирање, во вкупна вредност од 33,2 милиони евра. Дополнително, опфатени се и проекти за регионално управување со отпад во сите осум плански региони, финансирани со заеми, грантови и буџетски средства во вкупен износ од 144 милиони евра.
Извештајот покажува дека преку Буџетот во период 2021-2023 извршен е трансфер на средства до општините за финансирање на проекти без да се спроведе транспарентна и партиципативна стапка за избор на општини за доделување на средства и избор на проекти. Во 2023 година, 72% од капиталните дотации се доделени директно на 41 општина за 67 проекти, без јавен повик со одлуки на Владата по усвоени амандмани во Собранието. За изборот нема спроведена постапка за селекција на општини и проекти, а не е воспоставен ниту ефикасен мониторинг над нивната реализација.
„Како средства наменети за рамномерен регионален развој, не се земени предвид јавните инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта за изградба на регионални патишта, експресни и автопати со регионално значење. Овие капитални проекти директно се поврзани со приоритетот 1.3 од Стратегијата за рамномерен регионален развој и претставуваат значаен финансиски ангажман. Во 2023 година, овие инвестиции изнесувале 23.901.217 илјади денари, односно околу 388 милиони евра“, стои во извештајот на ДЗР.
Со извршената ревизија констатирано е дека нема систем за мерење и признавање на регионални проекти усогласен со добрата пракса на ЕУ и нема јасни критериуми за одредување на тоа дали една инвестиција спаѓа во категорија проекти со регионално влијание или проекти за локален развој.
„На Град Скопје, во периодот 2021–2023, му се доделени 720.000 илјади денари преку Министерството за транспорт за инфраструктурни проекти, но средствата сè уште се на наменски сметки, а реализацијата не е започната. Во период 2020-2023 на Општина Струмица преку Министерство за транспорт за изградба на социјална населба (прва и втора фаза), ѝ се доделени 191.000 илјади денари. Реализирана е само првата фаза, додека средствата за втората (65.000 илјади денари) се префрлени од наменска на сметка на основниот буџет на општината. На Општина Чучер Сандево ѝ се доделени средства во вкупен износ од 84.895 илјади денари од Буџетот за изградба на пречистителна станица во населено место Кучевишка Бара. Во декември 2023 се префрлени 60.000 илјади денари, а 24.895 илјади денари се одобрени во октомври 2024 година преку програмата „АА“ за инфраструктурни проекти за општините. И покрај тоа што општината обезбедила одобрение за градење и соодветно земјиште, реализацијата на проектот сè уште не е започната. Причините се недостаток на физибилити студија за економска и финансиска исплатливост и очекуваните ефекти од проектот, како и фактот што основниот проект, со проценета вредност од 223.472 илјади денари, е изработен по спроведена набавка со симболична цена од само 0,01 денар, во исклучително краток рок од 14 дена, со предмер-пресметки кои не соодветствуваат на пазарните цени. Во 2023 година на Општина Прилеп преку МЖСПП за проект за доизградба на фабрика за рециклирање на отпад доделени се средства во износ од 65.000 илјади денари. Проектот е започнат да се гради во 2013 година, а по спроведена постапка за јавна набавка во 2024 година склучени се договори за доизградба.“ се наведува во извештајот.
За проектите кои се реализираат преку Програмата за рамномерен регионален развој утврдено е дека се врши исплата на средства за проекти кои немаат реализација на крајот на годината со цел алокација на сите планирани средства. Центрите за развој на планските региони имаат административен капацитет за управување со проекти, но нивните проекти главно имаат локален, а не регионален карактер, што ја намалува нивната ефективност во постигнување на целите за рамномерен регионален развој.
И.П