Во Театарскиот дом во полскиот град Гдањск во сабота ќе се одржи театарска презентација под наслов „Сенките на Македонија“, своевидно драматуршко разигрување на уметничката бајка „Танцот на шарените шамивчиња“ од Александар Прокопиев.
Водич на оваа своевидна експедиција со помош на кукли и сенки е Анџеј Копчик, режисер и актер на куклен театар, кој работи во краковскиот театар „Гротеска“ и води едукативни работилници.
Во оваа работилница тој, воведувајќи ги младите гледачи во тајните на куклениот театар, ја „прераскажува“ бајката „Танцот на шарените шамивчиња“ на Прокопиев со помош на игла, ткаенини, чекан, сложувалки, талент и хумор, а во исто време ги воведува полските деца (од 7 до 12 години) во историско-географскиот свет на Македонија, притоа користејќи звучни мотиви од македонската етно-музика.
Инаку бајката е преземена од полското издание на книгата „Човечулец“ на Александар Прокопиев, во превод на Анета Тодевска и Михал Сапета, што доживеа убав одглас меѓу полската критика и читателската публика.