10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако текстилната да се претвори во модна индустрија?

Како текстилната да се претвори во модна индустрија?

rrr

Текстилната никако да прерасне во модна индустрија – главниот проблем е што Македонија не успева да создаде сопствени брендови кои би биле препознатливи не само на домашниот туку и на регионалниот пазар.

Старите гиганти исчезнаа, никако да се појават нови

Старите гиганти како Астибо, Газела, Годел, ЧИК исчезнаа, а се уште не се појавија нови кои би ги замениле.

Големата инвестиција на Веибо груп која требаше да го раздвижи целиот сектор подзаглави. Беше најавено вложување од 400 милиони долари и отворање на 5.000 работни места во интергрирана фабрика во која ќе биде заокружен целиот производствен процес – од погони за предење, ткаење и бојадисување до шиење, везење и принтање на текстил. Сето тоа требаше да се реализира во период од 5 години почнувајќи од 2014-та.

Засега се е останато на првата фаза – преземање и проширување на постоечки погон во Крива Паланка каде бројот на ангажирани работници го зголеми од 260 на нешто над 600. Компанијата тврди дека не се откажува од развојните планови, но голем проблем бил недостатокот на квалификуван кадар.

„Компанијата во своето досегашно постоење во Македонија се соочува со потешкотии да најде компетентен персонал од текстилната област и иако постојано е во потрага по нови кадри, преку македонските агенции за вработување, се уште е во дефицит на работна сила… Во моментов исполнува голема производна нарачка за интернационалниот гигант ‘Зара’ и има потреба од дополнителен квалификуван кадар за да ги исполни планираните норми“ објаснија неодамна од Веибо груп.

Најголем проблем – недостатокот на квалификувана работна сила

Исти проблеми имаат и домашните текстилни компании. Сите даваат ист одговор – младите бегаат од машините за шиење.

„Ние постојано бараме нов кадар, постојано имаме објавено огласи за вработување и за шивачи и за поквалификувани технолози и инженери за текстил, но речиси никогаш немаме доволно пријавени луѓе“ објаснува сопственик на фабрика за текстил од Куманово.

На овој проблем подолго време укажува и Кластерот за текстил. Бараат стимулации за младите да и се вратат на оваа индустрија.

„Текстилните фабрики навистина имаат проблем, особено со она што значи шивачки, моделари, односно со она што значи директна работна сила. Состојбата не е сјајна ниту со високо стручниот кадар, но не е толку алармантна како со работниците во директното производство“, вели претседателката на Кластерот за текстил, Мирјана Перковска.

Како да се создаде сопствен бренд?

Како да се создаде сопствен бренд? Македонските текстилци се уште не можат да дадат одговор на ова прашање. Велат дека за да имаме успешна марка треба да се исполнат многу услови – да се работи на самите производи, да се влијае на навиките на купувачите, да се направи маркетинг стратегија. Домашните компании се мали и разединети и немаат капацитет за сево ова, барем засега. Сепак, менаџерите се оптимисти.

„Во иднина секторот дополнително ќе се развива, мора да се работи на зголемување на сопственото производство преку сопствени брендови за што е потребна и поддршка, не само финансиска. Сето тоа во моментов е во зачеток, но јас верувам во иднината на оваа гранка“ вели сопственик на конфекција од Штип.

Единствени брендови се уникатите од модните дизајнери

Во Македонија сепак има текстилни односно модни брендови, но тоа се сведува на креациите на дизајнерите кои стануваат се попопуларни и побарани, но се уште нема продажба на цели модни линии.

Оние што подолго време се во овој бизнис, со оптимизам гледаат на развојот на модната индустрија. Освен домашниот пазар, македонските модни брендови, полека , но сигурно ги освојуваат и странските пазари, особено регионалните.

„Без оглед на финансиската ситуација во која што се наоѓаме од година во година луѓето имаат поголема потреба и желба да купуваат дизајнерски парчиња. Ние сме мал пазар и многу често се случува исти фустани да се купат па да се упропасти некоја веселба. Секоја дама сака да изгледа уникатно и ексклузивно во дадената вечер. Тоа го овозможува креацијата на дизајнерот, особено на онаа така наречена трета генерација дизајнери кои имаат меѓу 20 и 25 години кои веќе успешно го пробиваат својот бренд и се докажуваат како дизајнерски имиња“ изјави неодамна Ненад Секрираски, моден дизајнер.

„Во Македонија дури сега почнува да се создава навика за купување на македонски производи во однос на дизајнот. Сега се поставуваат темелите кои веројатно во иднина ќе донесат резултати. Македонките се малку специфични жени, веќе имам кажано – оној момент кога ќе успеам да ја освојам Македонија ќе бидат подготвена веројатно да го освојам целиот свет. На многу мало поднебје и мала количина на народ ние имаме експанзија и разновидност на вкусови и стилови. Тоа е добро и за секој производ има купувач“ изјави неодамна Ивана Кнез, моден дизајнер.

Текстилната индустрија ангажира 46.000 луѓе

И покрај сите предизвици текстилната индустрија во Македонија игра голема улога во формирањето на Бруто домашниот производ (БДП), во апсорбирањето на работната сила, како и во делот на извозот.

Над 15% од македонскиот извоз го сочинуваат текстилните производи, во најголем дел како лон односно како работа за странски партнери под нивни брендови и со нивни репроматеријали.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2015-та производството на текстил имало раст од 14.8%, а производството на облека од 6.7%.

Во истиот период бројот на вработени во секторот производство на текстил пораснал за 17%, во секторот производство на облека се намалил за 1.5%, а во секторот производство на кожа за 4.5%.

Текстилната индустрија ангажира околу 46.000 луѓе, кожарската околу 5.000. Оттука речиси 7.5% од сите вработени се дел од овие гранки.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП