2 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУПреку здружување во кластери до поголема конкурентност

Преку здружување во кластери до поголема конкурентност

tikvesija

УНИДО како специјализирана агенција на Обединетите Нации која промовира индустриски развој, намалување на сиромаштијата, инклузивна глобализација и одржливост на животната средина, во декември минатата година го основа Кластерот за туризам на Тиквешкиот регион, втор по ред по Охридскиот.

Обедини голем број на институции од јавниот и приватниот сектор кои имаат една заедничка цел, јакнење на туристичкиот потенцијал, и што поголеми приходи од овој сектор, кои во моментов се недоволни, со оглед на можностите. Токму со таа идеја разговаравме со неколку компетентни чинители од оваа област, со Александар Ристовски кој е Претседателот на Кластерот за туризам на Тиквешкиот регион и со Беким Хаџиу од Министерство за економија.

ristovski 353

1. Тиквешијата е позната по своето производство на вино, но има и одлична гастрономија, велосипедски тури, езерски патеки и други можности кои се сеуште недоволно познати и искористени. Колку се реални очекувањата во скоро време да очекуваме туристи?

Александар Ристовски: Да, навистина, Тиквешкиот регион располага со многу убавини: идилична и здрава природа, прекрасни предели и пејзажи, планини, рамнини и езеро со уште поинтересно крајбрежје, разновидна прекрасна флора и фауна, долга историја, археолошки наоѓалишта, живописни цркви и манастири, долга и богата традиција, интересни народни обичаи, преданија и приказни зачинети со многу вкусна автентична кујна, како и многу други ресурси кои претставуваат голем потенцијал за развој на туризмот. Како круна на сите нив се наоѓа приказната за виното и неговото создавање, која во овој крај егзистира и се негува со векови.

Виното, отсекогаш исконски било поврзано со природата и луѓето во овој крај. Винарските визби во регионот се најдобрите, дел од нив нудат вински туризам, угостителски услуги и сместување, што значи дополнителна понуда за туристите. Годишно во овие винарници поминуваат неколку десетици илјади гости, што не е бројка за занемарување. Дополнително, сите трендови покажуваат дека од година во година, бројот на посетители се зголемува, што значи дека регионот е интересен и нуди можности за развој на туризмот. Се разбира, останува клучниот предизвик – како овој потенцијал и овој тренд да се искористи. Сегашната понуда на содржини кои се интересни за туристите е атрактивна само за пократки посети. Најчесто тоа се посети од неколку часови или во најдобар случај во времетраење од еден ден. Тековната понудата се сведува на посета на неколку вински подруми, што е резултат на поединечни напори на винарниците. Сеуште на пазарот нема интерес од тур-операторите за креирање на интересна програма која ќе овозможи подолготраен престој на гостите.

Дополнителен проблем е и тоа што локалното население не гледа на туризмот како на економска гранка значајна за регионот, а соодветно на тоа и напорите на локалните самоуправи за поддршка на овој сектор и инвестиции во туристичката инфраструктурата се недоволни. Меѓутоа, благодарение на интензивната комуникација меѓу субјектите кои се заинтересирани за натамошен развој на туризмот во тиквешкиот регион во соработка со локалните самоуправи на Кавадарци, Неготино и Демир Капија се основа фондација која ќе работи во интерес на развојот на туристичкиот сектор во Тиквешијата, за што добивме поддршка и од институциите на централно ниво, како и соодветна поддршка од експерти од странство. Со ова, сметам дека го трасиравме патот кој ќе овозможи одржлив развој на туризмот во нашиот регион, од едноставна причина што во фондацијата се вистинските луѓе на вистинското место и време.

2. Какви се првичните резултати од кластерското здружување?

Александар Ристовски: За почеток морам да кажам дека работите се одвиваат и малку побрзо отколку што очекувавме. Навистина, тоа што во нашата фондација се луѓе со широка мрежа на контакти вроди со плод. Имаме интензивна комуникација со неколку институции и донатори и сме во фаза на идентификација на вистинските потреби и предизвици. Во оваа фаза имаме исклучително добра комуникација со Министерството за економија – сектор за туризам. Веќе дизајнираме два до три проекти кои со нивна поддршка би се реализирале, а кои би придонеле за подобра туристичка промоција на нашиот регион и на потенцијалите на истиот. Разговараме со донатори и за студиска посета на познат вински регион со цел да научиме како тоа таму се работи и секако можеби и најбитно е што сме во преговори со донатори за да овозможиме проекти за едукација/обука на персонал ангажиран во туристичкиот сектор, од причина што во земјава постои недостаток на специјализиран кадар, но и на институции кои нудат специфични краткотрајни обуки и преквалификации. Во наредниот период ќе се обидеме да добиеме поддршка и од фондовите на ЕУ за решавање на покрупни инфраструктурни зафати кои ќе овозможат поголема достапност на туристичките потенцијали, можност за засилена приватна иницијатива за зголемување на бројот на туристички објекти, патокази, мапирање на патеки за велосипеди, пешачки патеки и др.

3. Во кој сегмент сметате дека треба дополнителен напори за да нешто се смени?

Александар Ристовски: Еден од најголемите предизвици за нашата фондација ќе биде процесот на идентификација на сите потреби, можности, слаби страни за да можеме да ги одредиме вистинските приоритети и да направиме план за нивно решавање, како и да воспоставиме ефикасен систем на работа и канализирање на институционалната и донаторската поддршка. Како претседател на фондацијата јас сум убеден дека како тим, заедно со моите колеги од одборот, сме подготвени да одговориме на сите предизвици што треба да овозможат суштински развој на туризмот во Тиквешијата. Оваа 2016-та година ќе биде година на мапирање на тоа што ќе бидат наши активности во наредните неколку години. Тоа што сакам да го наметнам како императив до сите кои се директно вклучени во фондацијата е посветеноста која мораме да ја изградиме на највисоко ниво. Без посветеност, без работа, нема успех.

U

1. Дали со подобрување на состојбите во туризмот можеме да очекуваме и севкупен развој на македонската економија?

Беким Хаџиу: Туризмот е еден од најбрзо растечките економски сектори во нашата држава кој располага со големи можности за привлекување на странски и домашни инвестиции, што воедно значи и можност за нови работни места. Сметаме дека со подобрување на туристичката понуда и зголемување на бројот на туристи кои ја посетуваат Република Македонија ќе имаме развој на македонската економијата.

2. Кои се главните сегменти на кои треба да се работи, за да бидеме поконкурентни во понудата на туристички услуги во однос на земјите од регионот?

Беким Хаџиу: Во оваа насока Министерството за економија активно работи на надминување на неколку предизвици во оваа област, како што се пристап до квалификувана работна сила, подобрување на квалитетот на услугите, успешна промоција на Република Македонија како атрактивна туристичка дестинација, и подобрување на локалната туристичка инфраструктура. Ние како институција, а и приватниот сектор сметам дека не треба да гледаме на понудата од регионот како конкуренција, туку како можност преку креирање заедничка регионална понуда да аплицираме на трети пазари, како би биле поконкурентни.

3. Кластерите како концепт разработен од Обединетите нации се стекнаа со зголемена важност во економските дебати последниве години. Праксата покажува дека доколку постои конзистентност во имплементирањето, даваат исклучителни ефекти. Резултати не се возможни преку ноќ. Колку Министерството ја поддржувате оваа идеја?

Беким Хаџиу: Министерството за Економија ја поддржува идејата за кластерско здружување преку програмата за развој на туризмот и со другите програми за поддршка на кластери и воедно укажува дека субјектите треба што повеќе кластерски да се организираат, бидејќи со заедничко здружување, со економија на обем, ја зголемуваат својата конкурентност и создаваат услови за забрзување на развојот.

Еден од ваквите проекти кои Министерството за економија го подржа и активно учествуваше е и проектот за Поддршка во развојот на кластери за туризам во Охридскиот и Тиквешкиот регион  во соработка со Организацијата за индустриски развој на Обединетите Нации (УНИДО) и со финансиска поддршка од Република Словенија со цел да се зголеми конкурентноста и пристапот до пазари на претпријатијата во двата кластери преку засилување на соработката, иновациите и врските помеѓу туризмот и производствениот сектор.

Кластерите се динамични економски системи кои се стекнаа со зголемена важност во економските дебати за економски развој последниве години. Владите во светот ги сметаат кластерите како потенцијални двигатели на развојот на компаниите и иновациите. Им помагаат на компаниите да ги надминат своите индивидуални капацитети, организирајќи се во динамични производни мрежи, развивајќи стратешки релации со останатите компании и институции, подобрувајќи ги конкурентските способности базирани на економија на обем, иновации и знаење.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП