28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПечатарска дејност – се повеќе кутии и амбалажа, се помалку книги и...

Печатарска дејност – се повеќе кутии и амбалажа, се помалку книги и списанија

pecat

Кутии и пакувања наместо книги и списанија. Печатниците во Македонија се повеќе се насочуваат кон алтернативни производи.

 

Има доволно наслови, но нема доволно тиражи

Има доволно наслови, но нема доволно тиражи, објаснуваат менаџерите кои велат дека конкуренцијата е драстично зголемена, издавачите се помалку го ценат квалитетот, па со тоа цените се уривале поради што печатниците работеле на границата на профитабилноста.

„Цените се намалени до таа мерка што не може да се опстане. Кога има тендер се оди на најниска цена, па и ние мора да понудиме што пониска, а на крајот кога ќе пресметаш само хартијата колку чини, сфаќаш дека не се исплати… Во Македонија сега издавачите се многу мали, има неколку поголеми, но повеќето се мали. Тиражите исто така се катастрофа, а цените под кои работевме пред 15 години беа многу повисоки од сега“ вели Танас Тиловски, печатница „Хераклит комерц“.

Поголемите печатници со поголема мака. Од графичката индустрија „Киро Дандаро“ објаснуваат дека речиси и не им се исплатува да ги вклучуваат машините кои се преголеми за премалите нарачки со кои најчесто се соочуваат.

„Во последно време бизнисот го преориентиравме повеќе на амбалажа… Имаме комплетна линија за тврд повез. Книгите се печат многу побрзо и поедноставно од порано, но заработката е многу помала. Не се ни пријавуваме на тендери за книги бидејќи сега не се бара квалитет туку цена“ објаснува Драги Милошевски, директор на „Киро Дандаро“.

Печатниците „се крстат“ во државата

Печатниците најмногу профитираат од државните проекти. Објаснуваат дека само преку големите тендери можат колку толку да заработат.

„Пообемна е единствено работата што се добива од фирмите од јавен карактер, тие бараат и поголем квалитет и поголем квантитет со оглед на тоа што и маат поголеми буџети. Тиражите се речиси секогаш мали, но во еден тендер се бара печатење на повеќе наслови одеднаш па така се компензира“ вели Игор Трајковски Фоа, раководител на „Графопром“

„Печатење на поезија, на проза се бара многу ретко. Ние сме мали за да конкурираме на големите тендери, пред се на Министерството за култура“ вели Танас Тиловски, печатница „Хераклит комерц“.

Македонија можеби е единствена држава во регионот каде директно се дава поддршка во издавачката дејност бидејќи тоа сепак е приватен сектор, вели министерката за култура според која во просек годишно директно поддржувале по околу 500 наслови.

„Од 2008-та до сега Министерството има поддржано над 4.200 наслови, а редовно вршиме и откуп на книги кои не ги финансираме со цел и тие да се дистрибуираат во нашите библиотеки. Од 2008-та до сега имаме откупено над 47.000 публикации. Оваа бројка говори во однос на поддршката што ја даваме“ изјави неодамна министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска.

Македонија е зависна од увоз на хартија и други репроматеријали

Анализите на Сојузот на стопански комори (ССК) покажуваат дека во земјава печатарската дејност ја чинат над 90 % мали фирми и околу 10 % се средни фирми што според ССК укажува флексибилност и приспособеност на пазарните промени.

Според нивните податоци производството во најголем дел е наменето за потребите на домашниот пазар, извозот на хартија и изработки од хартија години наназад бележи опаѓање, а Македонија и натаму е увозно зависна, во делот на суровината, увозот на целулоза и отпадоци од хартија.

Во земјава се издаваат по две книги на ден

Во просек во Македонија се издаваат по повеќе од две книги секој ден. Ова може да се заклучи од податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) според кои во 2013-та од печат излегле 864 наслови со вкупен тираж од 724.000 примероци. Во 2012-та на секторот му одело подобро – биле издадени 997 наслови со тираж од над 1 милион примероци. За минатата година статистичарите се уште го немаат изготвено извештајот.

Според ДЗС најпопуларна е белетристиката, речиси една половина од сите книги кои се печатат или по околу 400 наслови отпаѓаат романите, новелите, збирките раскази. Следат учебниците и учебните помагала со по околу 200 наслови. Од друга страна строго стручна литература речиси и не се објавува. Од областите на астрономијата, геологијата или градежништвото годишно се печати по една, а некогаш и ниту една книга.

Сепак, издавачката дејност во Македонија е во подем. Во 2015-та бројот на регистрирани издавачи бил дури 700, во 2007-та 300, во 1990-та само 12. Првата, „Култура“, била формирана во 1945-та и се уште опстојува.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП