9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДве фармацевтски компании сакаат да влезат во бизнисот со медицинска марихуана

Две фармацевтски компании сакаат да влезат во бизнисот со медицинска марихуана

mar

Две домашни фармацевтски компании сакаат да влезат во бизнисот со медицинска марихуана откако ќе биде легализирана,но засега јавно не сакаат да коментираат на темата.

Официјално го чекаат стапувањето во сила на законските измени, а неофицијално веќе ги прават потребните анализи и подготовки. Станува збор за дел од најголемите производители на лекови и медицински препарати во Македонија.

Единствената информација која ја даваат е дека во земјава досега ниту една компанија нема вакво или слично искуство, па допрва ќе требало да се прецизираат правилата за квалитетот на растението, но и на крајниот производ.

Според измените на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци предложени од Министерството за здравство одгледување на коноп ќе биде дозволено само на правни лица кои имаат одобрение од Министерството по претходна согласност од Владата.

Најлесно до дозвола ќе може да дојдат фирмите кои веќе имаат одобрение за екстракти од афион бидејќи правото на производство се пренесува и за екстракти од коноп.

Целиот процес ќе го надгледува Агенцијата за лекови. Оттаму велат дека јавните дебати покажале дека компаниите имаат интерес да влезат во бизнисот со легализираниот канабис за медицински цели.

„Самото производство овде ќе овозможи пониска цена на маслото за разлика од она што би се увезувало. На тој начин корист ќе имаат и правните лица, но и самите пациенти кои сега даваат многу пари за набавка на овие препарати по нелегален пат при што составот не е ни познат. Сега со помалку средства ќе добиваат производ со контролиран и проверен состав“ објаснува директорката на Агенцијата за лекови Марија Дарковска – Серафимовска.

Освен компаниите корист од целиот процес ќе има и државата преку зголемените буџетски приходи, сметаат во невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика. Сепак, во ХОПС велат дека е премногу рано да се зборува за конкретни бројки бидејќи не се јавно познати ниту даночните ниту акцизните стапки и другите давачки кои ќе се пресметуваат на производите од канабис.

„Сигурно ќе има доста финансиски придобивки, не може сега со точност да се предвидат, но одредени истражувања и искуствата пред се од Соединетите Држави покажуваат дека после една година од легализација на канабисот во медицински цели сумите кои што се слеваат во буџетите се милионски“ вели Влатко Деков, претседател на ХОПС.

Законските измени треба да влезат во сила во март. Тогаш во аптеките ќе се продаваат регистрирани лекови на база на канабис, а и лекар ќе може да препише масло со висока концентрација на активната супстанца ТХЦ. Масло најверојатно ќе може да се купи и без рецепт но со минимална концентрација на ТХЦ од само 0.2% кое ќе може да се користи за подобрување на сонот, за смирување.

kan

Сепак, мислењата за или против легализација остануваат дијаметрално спротивни. За едни државата треба да оди чекор понатаму и канабисот да го легализира освен за медицински и за рекреативни цели.

„Добар дел од популацијата која е конзервативна и се колебала дали да користи медицинска марихуана или не сега со признанието на Министерството за здравство дека има позитивни ефекти и индикации сега ќе се обиде на некој начин да дојде до марихуана за медицинска употреба… При целосна легализација на среден рок се доаѓа до намалување на користењето на наркотици, особено на потешките. На пример Португалија, која во 2001 го декриминализираше поседувањето наркотици за лична употреба за сите наркотици има најмал процент на годишна преваленција на употреба на наркотици во Европа“ објаснува адвокатот Јанаки Митровски чиј магистерски труд е на темата „Легализација како начин на сузбивање на трговијата со наркотици“.

Други со сосема поинаков став – треба особено да се внимава во целиот процес и да се направат дополнителни анализи и испитувања.

„Нема доволно методолошки исправни студии на светско ниво за ова прашање. Не треба да се верува на сето она што ќе се прочита на Интернет, каде што се потенцираат само позитивните искуства, а се занемаруваат илјадниците случаи каде што има никаков или само штетен ефект од користењето на канабисот“ вели Милан Ристески, директор на клиниката за Онкологија.

Во Македонија марихуаната за прв пат се споменува во закон од 1977 кога производството и преработката се прогласуваат за кривично дело, а со измени во 1996 се допрецизира и се предвидува затворска казна од 1 до 10 години.

Марихуаната е легална за медицинска употреба во над 30 држави, а во околу 10 и за рекреативни цели.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП