2 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкијачки центри во Македонија–голем потенцијал, мала искористеност

Скијачки центри во Македонија–голем потенцијал, мала искористеност

popo

Голем потенцијал, мала искористеност. Вака со една реченица може да се сумира состојбата на македонските скијачки центри.

Маврово и Попова Шапка остануваат на врвот и покрај минималните инвестиции последниве години, Кожуф иако вложи 20 милиони евра никако да профункционира поради проблеми со патот, малите капацитети прават мали чекори за да ги подобрат условите.

Маврово останува најпопуларен скијачки центар

Со 47 сантиметри снег, патеките на Маврово се целосно подготвени за скијање. Сезоната веќе започна. Цените се исти како лани – утринска карта 650 денари, полудневна 850, дневна 1.100 денари. Билетот за жичарата чини 300 денари.

Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ располага со 11 ски-лифтови и 3 жичарници долги 5.700 метри. За еден час можат да се превезуваат и да скијаат над 11 илјади лица.

Стартот на скијачката приказна во Маврово датира од 1959-та година кога тогашниот Скијачки сојуз решил на ова место да се гради скијачки центар. Изградбата на првиот сместувачки капацитет „Скијачка школа“ почнала 5 години подоцна, кој денеска е хотел.

Половина век подоцна, скијачкиот центар на Бистра е препознатлив по патеките на кои се одржуваат врвни меѓународни натпревари во алпско, нордиско и сноуборд скијање. Маврово има можности за натамошен развој на туризмот, не само во зима , туку преку целата година, но за тоа да стане реалност неопходни се нови инвестиции.

Попова Шапка со билет од 900 денари

Снежната покривка на Попова Шапка веќе достигна 40 сантиметри, а посетеноста во првиот викенд откако официјално проработија ски лифтовите беше голема.

„Се надеваме дека ќе има добра сезона, за почеток е добро. Веќе се полнат хотелите… Мастер планот се спроведува веќе и мислам дека во наредните неколку години ќе биде завршен – најбргу ќе биде изградбата на шестоседот, на паркингот, а потоа на езерото за вештачки снег“, вели Перо Димитриевски, директор на ски центар „Попова Шапка“.

Овде дневниот билет кој важи од 9 до 16 часот чини 900 денари, полудневниот кој важи од 12 до 16 часот е 600 денари, а билетот за ноќно скијање кој важи од 19 до 22 часот, но само за патеките Тетекс 1 и 2 чини 500 денари. За скијачите до 12 години се плаќа по 400 денари, а цената на сезонскиот билет е иста како и претходната сезона, 10.000 денари.

Крушево – дневен билет за само 500 денари

Скијачкиот центар кај Крушево прв ја започна зимската сезона. Таму дневниот билет за користење на ски-лифтот во Крушево е 500, цената на полудневниот е 350, а на жичарата 150 денари.

„Патеката е подготвена. Работат ски-лифтот и жичарата. Туристи има, а очекуваме уште поголема посетеност”, велат од ски-центарот Крушево.

Кај Крушево скијачките терени за алпско скијање се долги 1,2 километар, за нордиско скијање и биатлон 4,5 километри, а жичарата почнува од центарот на градот.

Почна сезоната на Пелистер – 40 сантиметри снег на патеките

На Пелистер викендов почна сезоната откако наврнаа 40 сантиметри снег што беше доволно за вклучување на ски лифтовите. Во претходниот период беа целосно проверени безбедносните системи на жичарницата со која стопанисува хотелот „Молика“ како сегмент на ЕЛЕМ.

„Периодов имаме голем број гости, како од Македонија така и од соседството, најмногу ги има од Албанија, Србија, но и од Грција… Се планира реконструкција и проширување на капацитетот, нови содржини кои би привлекле поголем број туристи и производство на вештачки снег на ски патеката. Овие активности треба да се реализираат до крајот на 2017 година“ велат угостителите кои се задоволни од досегашната посетеност.

Засега најголем сместувачки и угостителски капацитет е хотелот Молика откако во јануари 2013 целосно изгоре планинарскиот дом „Копанки“ кој се уште не е реновиран. Од локалната самоуправа  заедно со планинарскиот спортски клуб „Пелистер“  најавуваат  дека домот ќе биде обновен оваа година.

Кожуф изолиран – патот забранет за користење

Најновиот скијачки центар, Кожуф, никако да проработи. Пристапниот пат е единствениот проблем да профункционира инвестицијата од 20 милиони евра. Изграден е систем на жичари – шестосед, два ски лифта, систем за технички снег. Сепак, штом ќе падне снегот падините остануваат изолирани – „Македонија пат“ не го одржува пристапниот пат. Менаџментот на Кожуф веќе повел и постапка против јавното претпријатие, а правните пречки ги спречуваат сами да го преземат чистењето на коловозот.

„Ние сме инаку најголемата гринфилд инвестиција во Македонија во туризмот. Владата донесе одлука и изгради регионален пат во должина од 17 километри по сите стандарди и можам да кажам дека како возач е еден од најдобрите планински патишта во регионот. За жал откако е предаден патот во употреба кон крајот на 2013-та година фирмата која е надлежна за негово одржување, Македонија пат, верувале или не нема чепнато ниту едно камче. Редовно одржување не постои на тој пат и тоа предизвика да се затнат сите одводни шахти, поткопување на асфалтот и во моментов патот е неупотреблив и затоа минатата година државниот инспектор за патишта го затвори“ објаснува Ангел Наков, извршен директор на ски центар „Кожуф“.

Нови инвестиции во Нижо Поле – подобрени условите за скијање

Еден од помалку познатите, но и од помалите скијачки центри е Нижо Поле во близина на Битола. Со него стопанисува јавното претпријатие „Стрежево“ кое пред почетокот на сезоната инвестираше за целосна валоризација на жичарницата со придружните објекти.

„Направивме комплетна реконструкција на чајџилницата, опремување на излетничко место, воведување на ноќно скијање, проширување на одредени ски патеки и пробивме уште една целосно нова патека“ вели директорот на ЈП „Стрежево“, Марјан Геровски.

Сепак, овде засега нема доволно снег, 20-те сантиметри не биле доволни за да се вклучат ски лифтовите, надлежните објаснуваат дека покривката мора да достигне барем 30 за да се овозможи безбедно скијање.

Дали Галичица конечно ќе стане скијачки центар?

Во деведесеттите беа затворени, а потоа и продадени ски лифтовите на Галичица, но последниве неколку години се прават напори повторно да профункционира овој скијачки центар кој се наоѓа меѓу двете најголеми македонски езера. Планот за изградба на нови патеки е се уште актуелен.

„Владата односно со компанијата МЕПСО финансираше изработка на физибилити студија и веднаш потоа и на мастер план за изградба на скијачки центар. Врз основа на тој мастер план беа изработени неколку сценарија по кој што може да биде изграден скијачкиот центар.Е дно по едно за тие сценарија МЕПСО објави оглас за пројавување на интерес. На инвеститорите им беше понудено изградба и стопанисување со ски -центарот и комплексот на Галичица од страната на Охридското Езеро и изградба на туристички комплекс од преспанската страна“ објаснува градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Странски инвеститори од Швајцарија, Норвешка, Франција, Германија, Италија, Израел и Русија пројавија првичен интерес за инвестирање, но засега нема компанија која што е блиску со своите понуди до реализација на овој голем инвестициски зафат кој би чинел околу 76 милиони евра. Проектот е во неколку фази и опфаќа ски патеки долги 12 км, 2 гондоли, 7 ски лифтови и високо безбедни подвижни ленти наменети за деца и почетници. Предвидени се патеки за алпско и за нордиско скијање. Ски центарот Галичица се планира да биде центар од средна големина со капацитет да прими околу 3 500 скијачи дневно.

Сепак, бидејќи станува збор за национален парк и за заштитено подрачје мора особено да се внимава на природата. Поради ова дел од невладините организации и експертите се противат на какви било инвестиции на Галичица.

Меѓународната унија за заштита на природата е консултирана за стандардите кои треба да бидат исполнети.

„Еден од основните цели на нашиот ангажман е да се применат најдобрите светски стандарди во процесот на управување со природно заштитените подрачја, тоа го промовира и УНЕСКО. Нашата организација е тука да помогне како на најбезбеден начин да се спроведе таа заштита. Заштитените подрачја се подрачја каде развојот и заштитата се сретнуваат и секако, некоја рамнотежа мора да се постигне,што во пракса наидува на низа предизвици“ вели Борис Ерг, IUCN Меѓународна унија за заштита на природа.

Скијачки патеки на Водно – реалност или илузија?

Подолго време се заговара идејата за скијачки центар и на планината Водно. ЕЛЕМ објави тендер за изградба на ски – центар. Според планот, треба да се градат четири патеки од Милениумскиот крст кон Нерези долги по три и пол километри. Инвеститорот ќе треба да изгради и три ски-лифта долги еден и пол километар. Во проектот за скијачкиот комплекс е вклучена и изградбата на административна зграда со површина од 240 квадратни метри, во чии рамки ќе има ресторан, ски – школа и оддел за изнајмување скии. Највисоката точка на скијалиштето е на надморска височина од само 1.050 метри, па ќе мора да се изградат и капацитети за вештачки снег.

Додека се бара приватен инвеститор за овој голем зафат, државата најавува изградба на втората фаза од жичарницата – од Средно Водно до Капиштец.

„Искуството говори дека со години наназад имаме одлична посетеност на Водно, на Милениумскиот крст и користењето на жичарата. Меѓутоа она што го имаме оваа година ги надминува сите претходни бројки особено периодот околу Нова Година. Само од 1 до 10 јануари 2016-та имаме пренесено повеќе од 10.000 луѓе со жичарата. Ние и во моментов работиме горе. Во подножјето на крстот е речиси завршен ресторанот кој треба да профункционира. Имаме десетина придружни објекти“ вели Игор Јанушев, директор на ЈСП Скопје кое стопанисува со Крстот и жичарата.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП