Банкарската корпорација Голдман Сакс ги повика инвеститорите да го вклучат златото и нафтата во своите долгорочни портфолија за да ги ублажат ризиците за нивниот капитал.
Во време кога традиционалната стратегија за распределба на средства 60/40 (акции/обврзници) трпи сериозни удари, банкарските аналитичари веруваат дека златото и нафтата се во можност да им обезбедат на инвеститорите позитивни реални приноси, објавува Блумберг.
Голдман Сакс, особено ја нагласува улогата на златото како „безбедно пристаниште“ во сценарија кога пазарот почнува да се сомнева во кредибилитетот на американските институции, вклучително и американската централна банка, ФЕД.
Ваквите околности, во комбинација со загриженоста за зголемувањето на јавниот долг на Соединетите Американски Држави, би можеле да предизвикаат нагло зголемување на побарувачката и цените на златото, се додава во извештајот.
Според основната прогноза на Голдман Сакс, цената на златото би можела да достигне 3.700 долари за унца до крајот на 2025 година, додека очекуваната вредност за средината на 2026 година е поставена на 4.000 долари.
Аналитичарите, сепак, предупредуваат дека евентуалното „бегство“ на приватни инвеститори од американските обврзници, би можело да предизвика многу поголем скок на златото отколку што е наведено во основното сценарио.
Голдман Сакс наведува дека инвеститорите кои се стремат кон просечен годишен принос од 8,7 проценти, можат да го намалат вкупниот ризик од портфолиото од 10 проценти на помалку од седум проценти со инвестирање во злато и нафта.