27 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИздадени собрани дела за деца од Горан Б. Стојаноски

Издадени собрани дела за деца од Горан Б. Стојаноски

izdadeni

Друштвото за издавачка дејност„Македоника литера“ неодамна објави собрани дела во два тома на Горан Б. Стојаноски.

Горан Б. Стојаноски (1966-2010) е еден од ретките автори за деца кои последниве две децении се појавија со свои книги во македонската литература. Тој е автор на шест книги наменети за деца од помала возраст и сите шест беа одлично прифатени од младите читатели.

Во првиот том од собраните дела на Горан Б. Стојаноски, кој носи наслов „Дивата убавица“, се содржани трите романи – сказни: „Дивата убавица“, „Вилар“ и „Доживувањата на Геге супер Геге“, а во вториот том, со наслов „Џуџести и други необични сказни“ се вклучени другите три книги кои содржат по триесет до четириесет помали сказни, а тоа се Џуџести сказни, Трпкавица в ногавица и Шумски сказни.

Наративните способности на овој македонски автор се на високо рамниште. Со своите книги тој покажа дека е суптилен раскажувач за најмладите читатели, создава сказни кои се лесни прифатливи за младиот реципиент. Зад себе остави дела од овој жанр (но и воопшто во творештвото за деца) кој недоволно го има и се објавува од македонски автори. Неговите сказни се напишани на еден одмерен, сугестивен, досетлив и препознатлив раскажувачки манир, со суптилен приод и лесно разбирливиот текст.

Сказните ги гради со необични приказни, а често и со необични ликови, а во неговите книги доминантна е вечната и никогаш непрекината борба помеѓу доброто и злото, при што секогаш, се разбира, преовладува доброто. Освен фантастичните и надреалните настани, авторот повремено раскажува и по некоја хумористична сказна. Покрај необични случувања препознатливи за детските светови, авторот детето го воведува и во димензиите на паралелното живеење на разните суштества со човечка форма.

На крајот на вториот том е објавен и поговор за сите дела од Горјан Петревски, а книгите се илустрирани со цртежи на Благојче Наумоски и Ленче Тосева.

Со објавувањето на собраните творби за деца на овој автор, на младите читатели им се понудија творби кои се дефицитарен вид литература во македонската издавачка продукција.

Горан Б. Стојаноски е автор и на повеќе детски радиодрами, на сценарија за документарни радио и телевизиски емисии и на циклус од десетина радиодрами работени врз народни приказни од Кичевско, а снимени со заедничкиот наслов „Приказни од Кичевско“. Живееше и работеше во Кичево.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП