26 април, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(25.03 – 29.03.2013)

 

 

Неделата по одржаните локални избори на Македонската берза донесе драстично намален промет и пад на вредноста на водечкиот индекс МБИ-10. Причините? Можеби постизборната нестабилност и политиката која го обременува секојдневното живеење е главниот причинител за ваквиот пад на интересот на инвеститорите за вложување. Или пак истите треба да ги бараме во послабите резултати на нашите компании за 2012 година и намалените дивиденди кај повеќето од нив? Дали повторно берзата е губитник во борбата со банкарските камати, кои и намалени, остануваат најатрактивно средство за оплодување на капиталот. Какво – такво.

Вкупниот промет изминатата недела достигна само до 18,8 милиони денари (3,75 милиони денари просечен дневен промет на сите пазарни сегменти). Прометот речиси 95% беше концентриран во промет со акции, што е сепак премалку и за споменување. Три акции реализираа промет од над милион денари, Македонски телеком Скопје имаше промет од 4,5 милиони денари (02.04 е последниот датум со право на дивиденда за 2012 година), Комерцијална банка Скопје со промет од 2,5 милиони денари и Стопанска банка Битола со 3,5 милиони денари промет.

Индексот МБИ-10 заврши во негатива од -1,13% и затвори на ниво од под 1.800 индексни поени – 1.792,09. МБИД имаше пад од -0,07%.

На регионалните берзи. SBI10 неделата ја заврши со намалување од -0,91%. Crobex забележа пад од -0,27%, Белградскиот Belex забележа благ пораст од +0,32%, додека софискиот Sofix исто така имаше пораст од +0,89%.

На светските берзи неделата ја одбележа индексот S&P 500 кој достигна историски највисока вредност, надминувајќи ја онаа од 2007 година и достигнувајќи апсолутна вредност од 1.569,19 поени на затворање во петокот. Реултатите за порастот на индустриското производство во САД како и неколкуте добри резултати на американските компании придонесоа на неделно ниво S&P 500 да порасне за +1,13%, DOW JONES имаше неделен пораст од +0,91%, а NASDAQ имаше пораст од +1,00%. Под влијание на кипарската криза и изнаоѓањето на можни решенија, европските индекси се движеа во различни правци. DAX забележа пад од -0,96% на неделно ниво, FTSE 100 ја затвори неделата со пораст од +0,52%, додека францускиот CAC 40 имаше минимален пораст од +0,09%. На азиските берзи, јапонскиот NIKKEI 225 имаше пад од -1,16%, додека HANG-SENG имаше неделен пораст од +0,22%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП