2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на документи од есперантското движење во Прилеп

Изложба на документи од есперантското движење во Прилеп

prilep-pri

Во Прилеп, во понеделник, ќе биде отврена изложба на документи од есперантското движење во Прилеп, во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“, во 19 часот.

На увид ќе бидат понудени поштенски картички, марки, налепници и плакати од светот по повод денот од формирањето на есперантското друштво Прилеп и роденденот на Лазар Заменхов, основачот на есперантото, 15 декември.

На 15 декември се одбележува роденденот на Лазар Лудовик Заменхоф – авторот на меѓународниот јазик Есперанто. Иако според негова желба тој сакал за Меѓународен ден на Есперанто да се земе 17-ти декември денот кога тој во 1878 за прв пат го презентирал меѓународниот јазик Есперанто (прва верзија или пра Есперанто).

Лазар Лудовик Заменхоф е роден на 15.12.1859 – 14.04. 1917 во местото Бјалисток – Полска, (поранешна Царска Русија) од татко Мордехај (по руски Марко) кој бил учител по странски јазици и мајка Розалија – родена Сафер. Тој е од еврејска фамилија која потекнува од Литванија.

Лазар Заменхоф студирал медицина во Москва (1879 – 1881) и Варшава (1881 – 1885), а специјализирал за очен доктор во Виена.

Неговиот прв проект за вештачки созададен јазик Lingwe universala бил готов уште во почетокот на зимото 1878 кога Заменхоф учел гимназија. На 26-ти јули 1887 година тој можел да го издаде својот прв учебник на Есперанто – благодарение на финансиската помош од таткото на неговата сопруга Клара Заменхоф – родена Силберник. Од тогаш 1887 година се зема како година на создавање на меѓународниот јазик Есперанто т.н. според псевдонимот на Заменхоф – д-р Есперанто под кој тој го издал првиот учебник.

По тој повод 15 декември низ целиот свет организирани групи, есперантски друштва, есперантски клубови или сојузи преку изложби, предавања, собири, радио и ТВ емисии и др. манифестации го одбележуваат создавањето на меѓународниот јазик Есперанто.

Само десет години откако д-р Лудовик Заменхоф му објавил на светот, дека го создал меѓународниот јазик Есперанто и ја издал својата прва граматика во 1887 година, во градот Куманово, фотографот Ѓорѓи Малински (1878-1952) во 1897 година го изучил овој јазик. Куманово, тоа мало гратче во огромната Турска империја станало познато благодарение на Малински како една мала точка во Турската империја како што пишувало на многубројните разгледници и писма. Како што ќе забележи Малински во својот дневник во 1879 година: “Јас сум прв и единствен есперантист во Европска Турција“.

Иако Куманово го дал првиот есперантист на Балканскиот полуостров, во Прилеп било формирано првото есперантско друштво. Во 1927 година во домот на Ничо Алавантија во Варош, младите есперантисти со ентузијазам дискутирале за формирање на есперантско друштво во својот град – што било едногласно прифатено. Било одлучено една одбрана група на чело со Диме Бојаноски Дизе да ги подготви потребните документи и да побара дозвола од градската власт. Пред да го дочекаат официјалното решение од Срескиот округ, не сомневајќи се во позитивното решение на власта, младите есперантисти на 26-ти февруари 1928 година го формираат Есперантското друштво “Ѕвезда“ (“STELO”) во кое членуваат 15 члена. После неколку дена работата на друштвото била забранета од страна на ненародниот режим.

Друштвото повторно било формирано во 1938 година. Тогаш претседател бил Димче Аџи-Митрески студент, а секретар Гога Бабоски – чевлар. Во друштвото членувале меѓу 50 и 60 членови. Во почетокот курсевите се држеле во гимназијата, а потоа во просториите на културно-уметничкото друштво “Абрашевиќ“. Во тој период се одржале 5-6 курса за меѓународниот јазик Есперанто. Заради слободарските идеи кои провејувале меѓу младите работата на друштвото повторно била забранета од страна на ненародниот режим.

По ослободувањето при крајот на 1963 година (по Решение на власта) на 23.11.1963 година, по трет пат е формирано Есперантско друштво во Прилеп, овој пат под ново име “Напредок“ (“La Progreso”). Во тоа време можело да се примети развој во движењето на друштвото, кое се манифестирало со одржување на курсеви за почетници. Годишно било организирани по 2 до 3 курсеви на кои присуствувале по стотина млади прилепчани. Во периодот од 1973 до 1977 година во Прилеп се наоѓало седиштето на Македонската есперантска лига (МЕЛ), и во тоа време благодарение на активностите на прилепските есперантисти повторно се активирани есперантските друштва во Скопје, Куманово и Струга а биле формирани и нови есперантски-друштва во Кавадарци и Битола. Во 1976 година за прв пат во Македонија до тогаш се одржал 20 Конгрес на југословенски есперантисти, на него присуствувале 375 делегати од кои 63 делегати странци, гости од 16 земји од целиот свет.

Во овој период од средината на 70-те години до крајот на 80-те години од минатиот век, Есперантското друштво “Напредок“ од Прилеп бележи значајни успеси како на домашен план така и на меѓународните контакти и активности. Не напразно овој период е наречен “Златен период“ во работата на есперантското друштво. Поставен е мермерен споменик на авторот на есперанто – Лазар Заменхоф (која денес се наоѓа) пред фондот за пензиско осигурување; Мотелот на вештачкото езеро е преименуван во мотел “Есперанто“ а една автобуска линија која патува за Истанбул добива име “Есперанто“ – благодарение на одлуките на Пелагонија транспорт. Две слаткарници на “Инзап“ добиваат есперантски имиња исто како и две продавници на УТРО “Југославија“. Очната клиника при општата болница “Борка Талески“ во Прилеп го добива името : Очна клиника “Лазар Заменхоф“ кое име го носи и денеска. Одредено време и цвеќарницата на ЈКП “Комуналец“ носи есперантско име “Floro” а новоотворената улица во населбата “Точила“ во должина од 450 м го добива името “Лазар Заменхоф“ – истата денеска е преместена во населба “Тризла“ (на место улица “Авала“) … итн итн. Во 1986 година заради своите активности за афирмација на меѓународниот јазик меѓу прилепчани но и за афирмација на Прилеп и Македонија во странство со помош на Есперанто јазикот, Есперантското друштво “Напредок“ од Прилеп ја доби “9-то Септемвриската награда“ (Плакета) на град Прилеп. Заради овие активности и многу други овде кои не се наведени, од страна на повеќе есперантски сојузи и радиостаници Прилеп беше прогласен за “Град на есперанто“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП