2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзгласан Буџетот за 2016-та

Изгласан Буџетот за 2016-та

sobranie-sala

По петдневна расправа, македонските пратеници малку пред полноќ со 66 гласови „за“, 28 гласови „против“ и без воздржaни, го изгласаа Буџетот за 2016-та година, а по скратена постапка беше донесен и Законот за извршување на буџетот за 2016-та година.

Расправата почна на 16-ти ноември, а според Деловникот за работа на Собранието, таа пленарна седница трае пет работни дена. Како и во изминатите четири дена, во петокот собраниската седница мина во конфронтирање меѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата и меѓусебни обвинувања за политиките.

Пред гласањето се обрати вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој им се заблагодари на пратениците за дискусиите.

„На пратениците од опозицијата за сите конструктивни дискусии кои сметам дека ги имавме во текот на овие пет дена, и да се заблагодарам на сите пратеници од позицијата кои со извонредно познавање и аргументи зборуваа за буџетот. И на тие што нема да гласаат за буџетот, и на тие што ќе гласаат, би сакал да се заблагодарам. Буџетот ќе биде во корист на граѓаните на Република Македонија“, рече Ставрески.

Вкупните расходи во Буџетот за следната година се проектирани на 195,7 милијарди денари, и се за 4,7 проценти повисоки од оние во 2015-та година, а вкупните приходи се проектирани на 176,8 милијарди денари, каде има зголемување за 6 проценти во однос на 2015-та година.

Основни карактеристики на буџетот за 2016 година според предлагачот се намалување на буџетскиот дефицит од 3,6 отсто оваа година на 3,2 отсто следната година и зголемување на средствата за пензии, социјална помош и капитални инвестиции, со цел да се поттикне развојната компонента на Буџетот.

Инвестициите во капитални проекти се на ниво од 37,5 милијарди денари, и се за 2,8 милијарди денари повеќе отколку во 2015-та година, со раст од 12,9 проценти.

Повеќе средства се планирани и за интензивирање на проектот на Коридорот 10, кој треба да биде готов до крајот на 2016-та и почетокот на 2017-та година, за железничката инфраструктура 2.203 милиони денари, потоа повеќе средства за водоводни и канализациски системи, кои заедно со кредитните средства од ЕИБ и банката КФВ изнесуваат 3.047 милиони денари.

За проектот за гасификација се планирани 428 милиони денари, 304 милиони денари за социјални станови, 197 милиони денари за медицинска опрема, потоа средства за реконструкција и изградба на здравствените објекти во Штип, Тетово, Кичево, Чаир и Клиничкиот центар во Скопје, средства за културни и спортски објекти, основни и средни училишта и студентски домови, универзитети, технолошко-индустриски објекти и слично. За здравството се наменети 1,6 милијарди денари, во образованието 2,5 милијарди денари, за животната средина 390 милиони денари…

На приходната страна се очекува даночните приходи да имаат раст од 6,5 проценти и да изнесуваат 101.531 милион денари, неданочните се планирани на 9.633 милиони денари и се за 519 милиони повеќе, а придонесите да имаат раст од 4,2 проценти и да изнесуваат 49.187 милиони денари.

Растот на економијата се очекува да биде 4 отсто од бруто домашниот производ (БДП), а инфлацијата 2 отсто.

Со предвидените средства за финансирање на Буџетот, Македонија ќе остане во зоната на умерено задолжени земји, односно Буџетот ќе се вклопи во среднорочната фискална стратегија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП