Економијата на Шведска се намали четврти квартал по ред бидејќи намалувањето на каматните стапки што би можело да ги поттикне активностите во најголемата скандинавска земја допрва треба да се материјализира, објави „Bloomberg“.
Бруто домашниот производ на земјата падна за 0,1 отсто во периодот од јануари до март во споредба со четвртиот квартал од 2023-та година, според прелиминарната проценка објавена од статистиката на Шведска во понеделникот. Прогнозата на економистите беше за раст од 0,2 отсто.

Најголемата скандинавска економија е посилно погодена од зголемените трошоци за задолжување од повеќето други европски земји, бидејќи многу домаќинства имаат големи долгови со фиксни краткорочни каматни стапки. Ова доведе до намалување на трошоците и во исто време падот на изградбата на станови поттикна контракција во економијата, со намалување на производството од вториот квартал од минатата година.
Централната банка на земјата навести дека на повидок е олабавување на монетарната политика, при што се очекува финансиската институција да ја намали основната каматна стапка од 4 отсто во мај или јуни. Заедно со побавниот раст на цените, ова им даде на домаќинствата малку поголем оптимизам, при што довербата на потрошувачите се искачи на највисокото ниво од февруари 2022-ра година.
Другите податоци објавени во понеделникот од агенцијата за статистика покажаа дека продажбата на мало паднала за 0,4 отсто во март во однос на еден месец порано.