17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСанкциите продолжуваат да тежат врз извозот на руска нафта

Санкциите продолжуваат да тежат врз извозот на руска нафта

Втора недела по ред има пад на извозот на нафта од поморските терминали во Русија, покажуваат податоците на „Bloomberg“. Агенцијата се повикува на информации за движењето на танкери во регионот, споредувајќи ги со податоците од аналитичарите на „Kpler“ и трговците на „Vortexa“.

Според нив, во периодот 22-28 април извозот на руска нафта е намален за 120 илјади барели на 3,43 милиони барели дневно. Причината е недостатокот на доволно танкери по санкциите воведени од САД.

Москва соопшти дека ќе го намали извозот за 120.000 барели дневно во април во согласност со нејзините обврски кон ОПЕК +. Податоците за неделата покажуваат дека извозот е 30 илјади барели под оваа цел, но за месец извозот е за 120 илјади барели повеќе. Ова се должи на стопираната работа на рафинериите во земјава.

Ноќта на 1-ви мај, беспилотни летала погодија и една од најголемите руски рафинерии – во регионот Рјазан, која припаѓа на „Роснефт“. Работниот капацитет е 16-18 милиони тони годишно.

Главните пазари на руската нафта остануваат азиските земји. Минатата недела во оваа насока патувале 3,27 милиони барели дневно, наспроти 3,36 милиони на крајот на неделата 15-21 април.

Кина купува околу 1,2 милиони барели дневно преку поморските терминали и дополнителни 800.000 барели испорачани преку нафтоводи.

Испораките во Турција се на најниско ниво во последните 12 недели – 280.000 барели дневно. Турција остана единствената блиска дестинација за руската нафта откако земјите од ЕУ го забранија увозот преку поморските терминали.

Приходите од продажба на нафта паднаа на 1,8 милијарди долари, покажуваат податоците на „Bloomberg“. Тие се намалени во однос на рекордот за време на војната од 2,17 милијарди долари примени во јуни 2022-ра година, но далеку од најниското ниво од 930 милиони долари постигнато откако Г-7 воведе плафон за цената на нафтата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП