28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски - Ал Мактум: Продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и ОАЕ

Груевски – Ал Мактум: Продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и ОАЕ

emirati grujo

Премиерот Никола Груевски денеска во Дубаи оствари средба со премиерот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Шеик Мохамед бин Рашид Ал Мактум, со кого разговараа околу унапредување на севкупните односи во сите сфери од взаемен интерес.

Двете страни потенцираа дека помеѓу двете земји нема отворени прашања и ја констатираа потребата за интензивирање на политичкиот дијалог преку средби на високо ниво, што би придонело и за интензивирање на соработката на економски, културен, образовен план. Соговорниците особено ја истакнаа потребата и интересот за унапредување на економската соработка.

Беше констатирано дека постои голем простор и потенцијал за зголемување на надворешно трговската размена помеѓу двете земји. Премиерот Груевски потенцираше дека македонското стопанство поседува потенцијал за производство на производи кои може да се пласираат на пазарот во ОАЕ, особено во делот на земјоделството. Особен акцент беше ставен на можностите за унапредување на соработката на полето на инвестициите.

Груевски истакна дека Македонија овозможува услови за водење на бизнис, за што има креирано пакет на ниски трошоци за економските субјекти, и дека Обединетите Арапски Емирати може да ја користат нашата земја како порта за реализација на економски операции во Европа. Стана збор и за опциите за соработка на економски план на меѓудржавно ниво.

Македонскиот премиер истакна и конкретни можности за соработка на ова поле, претставувајќи ги проектите за инвестиции во енeргетскиот сектор со осврт на гасификацијата на земјата и можностите за изградба на хидроцентрали, инвестициите во туризмот преку туристичките слободни зони и инвестирањето во недвижности и градба на хотели, инвестициите во земјоделството и производството на храна и други проекти кои би можеле да бидат предмет на интерес на Емиратите.

Груевски го покани Шеикот Ал Мактум да ја посети Република Македонија, со што би се продолжил дијалогот на високо ниво и би се конкретизирале можностите за потенцијална економска соработка.

Шеикот Ал Мактум даде позитивна оценка за економските политики на нашата земја и го изрази интересот во следниот период да ја разгледа можноста за посета на нашата земја. Во рамки на средбата беше потпишан и Договорот за одбегнување на двојното оданочување помеѓу Македонија и ОАЕ кој ја дава основата и ги зголемува капацитетите за продлабочување на економската соработка.

Беше договорено во идниот период претставници на двете страни да работат на финализирање на Договорот за заштита на инвестициите кој би претставувал основа и би ги обезбедил правците за конкретна соработка на полето на инвестициите. Соговорниците разговараа и за политиките кои ги реализираат двете земји во образовната сфера, додавајќи дека образованието е најдобра основа за обезбедување на економскиот раст и развој на земјите.

Обединетите Арапски Емирати е значaјна држава во регионот на Заливот, која се карактеризира со висок економски раст и развој. Според проценетиот раст на БДП се наоѓа на 7-то место во светот оваа година. Емиратот Дубаи, покрај Абу Даби е еден од двата главни емирати во земјата. Се карактеризира со економски раст базиран на инвестиции, на услуги и има позитивен раст во сите економски сфери.

Груевски во рамки на посетата на Обединетите Арапски Емирати ќе оствари средби со политички и економски претставници и субјекти од земјата домаќин. Покрај посетата на Емиратот Дубаи, премиерот Груевски ќе го посети и Емиратот Абу Даби.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП