На тужбата против менаџментот на компанијата „Макпетрол“, од четвртокот, се приклучија 16 мали акционери, со цел да ги заштитат нивните права, но и за заштита на капиталот на фирмата.
Како акционери во најголемата македонска компанија за дистрибуција и продажба на нафтени деривати – „Макпетрол“, загрижени сме за судбината на нашата компанија, која доколку не се преземе решителна акција, набрзо ќе банкротира. На тој начин ќе изгубиме сите! Ќе изгубиме ние – сопствениците на „Макпетрол“, ќе изгубат сите негови вработени и нивните семејства, а ќе изгубат и граѓаните и државата и целокупното наше стопанство“, велат акционерите.
Според нив, факт било дека „Макпетрол“ со години пропаѓа и генерира загуби, што било чудно и необјасниво за најголемата нафтена компанија во Македонија.
„За тоа е виновен менаџментот на „Макпетрол“. Ние се прашуваме – како е можно „Макпетрол“ да е во милионски загуби, а компанијата зад која стојат менаџерите и која е најголем акционер, да има огромни профити?“, велат акционерите.
Заради незаконското работење и систематското уништување на компанијата, поднесена е кривична пријава против генералниот директор и членовите на управниот и надзорниот одбор на „Макпетрол“, на која сметаат дека се чекало премногу.
„Но, сепак, за првпат досега, јавното обвинителство нè повика и нас, дел од акционерите на „Макпетрол“, да дадеме свој исказ за овој, за нас многу важен случај. Вчера 16 акционери на „Макпетрол“, меѓу кои сме и ние, се приклучивме на тужбата против менаџментот на компанијата, во надеж дека на овој начин, преку судска постапка, ќе го спречиме понатамошното газење на нашите права како акционери и ќе се заштити капиталот на „Макпетрол“ од натамошно раскрчмување“, додаваат акционерите.
Ги повикаа и другите акционери да се приклучат на оваа тужба и да делуваат во одбрана на своите акции и правото на сопственост кое е загарантирано со Уставот и законите на оваа земја.