4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманците го поддржуваат планот за Грција, Меркел мора да ги убеди пратениците

Германците го поддржуваат планот за Грција, Меркел мора да ги убеди пратениците

merkel-kel

Повеќе од половината Германци го поддржуваат третиот пакет за меѓународна финансиска помош за Грција, по постигнатиот договор на самитот на еврозоната во Брисел, но големо мнозинство се сомневаат во подготвеноста на Атина да ги спроведе неопходните реформи, покажа анкетата направена во понеделникот.

По 17-часовните преговори челниците на земјите членки на еврозоната, едноставно ја принудија Грција да предаде дел од суверенитетот на надворешните супервизори, и за возврат се согласија да преговараат за помошта во износ од 86 милијарди евра во следните три години по линија на Европскиот механизам за стабилизација (ESM), за Грција којашто технички е во банкрот откако на 30-ти јуни не успеа да ги плати ратите кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), а веќе на 20-ти јули ѝ доспева за наплата ратата од 3,6 милијарди евра од заемот од Европската централна банка (ЕЦБ).

Грчката влада сега доби прецизни термини до кои треба да се придржува и да ги применува непопуларните реформи на зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ) во одредени сектори, реформа на пензискиот систем, приватизацијата, да ги измени правилата за банкрот, да воведе буџетски кастрења и да ги донесе законите за банките кои важат во Европската унија.

Германија којашто е најголемиот грчки доверител поединечно и чии приватни доверители најмногу учествуваа во отпишувањето на дел од долгот во износ од 107 милијарди евра, имаше најцврст став во еврозоната во однос на мерките на коишто Грција треба да се обврзе за да остане во зоната на користење на еврото.

Во испитувањето на јавното мнение коешто го спровела агенцијата Infratest, 52 отсто од испитаниците во Германија сметаат дека е добро да ѝ се помага на Германија, а 33 проценти сметаат дека тоа не е добра одлука. На прашањето за реформите и намалувањето на јавната потрошувачка кои Атина мора да ги спроведе, 57 отсто од испитаниците сметаат дека зададените мерки се соодветни, а 22 отсто ги смета за недоволни. Само 13 проценти од Германците сметаат дека условите се престроги, а речиси четвртината од испитаниците сметаат дека на Грција не може да ѝ се верува дека ќе ги спроведе реформите.

Од друга страна, откако помогна да се направат чекорите со кои на Грција ѝ се овозможува да добие нова програма за финансиска помош, германската канцеларка Ангела Меркел сега ја очекува нова тешка задача, односно во тој план да ги увери и скептичните членови на својата конзервативна коалиција, пишува агенцијата DPA.,

Германскиот Бундестаг (парламентот) ќе заседава кон крајот на седмицава кога ќе треба да донесе одлука дали на својата влада ќе ѝ даде мандат за натамошни преговори за новиот тригодишен план за спасување на Грција. Меѓутоа, повеќе од петмесечните напорни преговори со Грција ги оставија пратениците на пратеничката група на христијанските демократи на Меркел неподготвени да одлучат да ја финансираат Грција со дополнителни пари на германските даночни обврзници.

„Меркел, како и секој демократски челник, сака да победи на следните избори. Таа размислува за германскиот заеднички политички консензус за штедење“, смета Ирвин Колиер од берлинскиот Институт „Џон Ф. Кенеди“ и појаснува дека германската канцеларка не смее да ризикува на домашен терен да добие негативен ефект од впечатокот дека се согласила на премногу отстапки кон Атина.

Се смета, сепак, дека грчката драма може да стане „моментот на вистината“ за германската канцеларака како главен европски лидер, бидејќи со години се таложат доказите дека договорот во Брисел склучен во понеделникот во мугрите може да има неочекувана цена.

Меркел оди по жица, се истакнува во анализата на DPA. Од една страна, се обидува да го задуши можниот бунт во својата влада со наметнување на многу строги услови за Грција, а , од друга страна, мора да се грижи нејзиното политичко наследство и германското долгогодишно настојување Европа повеќе да биде интегрирана, да не биде засенето од грчкото излегување од еврозоната.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП