6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција го одби продолжувањето на пакетот помош

Грција го одби продолжувањето на пакетот помош

premier minister grcija

Средбата на Советот на министрите за финансии на 19 земји членки на европската монетарна унија посветен на спасувањето на Грција и нејзината идна позиција во заедницата на земјите со единствената валута е завршен во понеделникот навечер без резултат, откако Атина го одби продолжувањето на програмата за меѓународната финансиска помош за кој доби рок до крајот на седмицава да го прифати.

Веста за неуспехот на преговорите во Брисел, прва го објави грчката државна телевизија во Атина во време додека се’ уште се водеа преговори и можно е дури и токму поради тоа е прекинат и состанокот, наведува извор од Советот на ЕУ за AFP.

Грчкиот министер за финансии на состанокот Јанис Варуфакис одржал получасовен говор, меѓутоа без да презентира ниедна конкретна бројка, како што велат европски дипломатски извори за агенциите, и ги одбил сите компромисни предлози од партнерите од еврозоната за шестмесечно продолжување на меѓународниот пакет финансиска помош со почитување на сите одредби од договорот со „тројката“ доверители, Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, предизвикувајќи целосен хаос во преговорите.

„Следниот чекор мора да го преземе Грција, а што се однесува на календарот останува само уште оваа седмица“, изјави на прес-конференцијата по состанокот зад затворени врати претседателот на Еврогрупата, Јероен Дијселболм, откако дефинитивно беше соопштено дека е прекинат состанокот, имајќи предвид дека Грција одби да бара продолжување на сегашната програма за помош, која истекнува на 28-ми февруари.

Министерот Варуфакис, според грчки државни извори за Reuters, го отфрлил предлогот од заедничката изјава за меѓународна помош за Атина, кој на срдбата во Брисел го претставиле министрите за финансии од еврозоната.

„Истрајноста на некои дека грчката влада треба да продолжи со спроведување на актуелната програма за помош за излегување од кризата е неразумна и не може да биде прифатена. Тие кои постојани се враќаат на тоа прашање само го губат времето. Под тие услови денеска нема да дојдеме до договор“, изјавил за агенцијата неименуван грчки функционер.

Претседателот на Еврогрупата, Јероен Дијселблом, изјави дека Грција може да бара продолжување на актуелната програма за помош до крајот на оваа седмица, како и дека следниот состанок на министерот за финанси на еврозоната ќе се одржи само доколку таа тоа го стори.

„Општото расположение во еврогрупата се’ уште најдобар пат за напредување за грчките власти би било барање за продолжување на програмата. Едноставно повеќе немаме време. Доколку барањето за продолжување дојде, би можеле да имаме, доколку и можело да се предвиди позитивен исход, специјален состанок во петок“, рече Дијлселблом.

Потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровски по речиси четиричасовните преговори изјави дека партнерите од еврозоната се расположени да ги продолжат преговорите, доколку и кога Грција ќе го измени својот став. Пред преговорите, малтешкиот министер за финансии, Едвард Скиклуна, оцени дека одбивањето на грчката влада би претставувало „вистинска катастрофа“ и порача дека „Грција мора да се прилагоди и да ја сфати сериозноста на ситуацијата, бидејќи времето истекува“.

Од сегашната програма Грција би требала да ја добие последната транша од 7,2 милијарди евра, но со услов за нови буџетски кастрења, што е неприфатливо за владата во Атина предводена од коалицијата на радикалната левица Сириза, која дојде на власт благодарејќи токму на ветувањата ред предвремените парламентарни избори од 25-ти јануари дека ќе ги укине непопуларните мерки за штедење, и ќе издејствува нов договор за програмата за помош.

Без споменатите средства Грција наскоро може да остане без пари да ги сервисира своите долгови, што може да резултира и со нејзино излегување од еврозоната.

„Излегувањето на Грција од еврозоната ќе биде најскапото од сите можни сценарија“, го цитираше минатиот петок германскиот весник Der Spiegel челникот на фондот Европски механизам за стабилност (ESM), Клаус Реглинк во контекстот дека грчкото излегување од еврозоната може да го иницира и излегувањето на Кипар од зоната на употреба на единствената европска валута.

Европски извори за весникот посочиле дека економиите на Грција и Кипар се толку тесно испреплетени, што доколку Атина излезе од еврозоната, Никозија ќе биде принудена да го следи нејзиниот пример. Финансиските експерти на еврогрупата и на Европската централна банка (ECB)симулирајќи ги можните сценарија во врска со можното одбивање на Грција да го користи повеќе еврото, одлучиле оти во таков евентуален случај дека Кипар би добил дополнителен мотив да ја врати националната валута.

„Продолжувањето на програмата за помош во Грција нема алтернатива. Ќе го продолжиме дијалогот оваа седмица“, изјави еврокомесарот за економски и финансиски работи Пјер Московиси.

Функционери од Европската унија за Reuters изјавиле дека разговорите се завршени доколку Атина не ги промени својот став и биде истрајна во предизборното ветување за отфрлање на пакетот во износ од 240 милијарди евра, соработката со инспекторите од ЕК, ЕСВ и ММФ, прекинување на политиката на штедење и барање отпис на дел од долго и покрај тоа што веќе ѝ беа отпишани околу 100 милијарди евра долг кон приватните доверители, доколку не ѝ биде дозволено редефинирањето на враќањето на долгот кој во моментов изнесува 320 милијарди.

Поради стравувањата дека преговорите пропаднат, зголемени се стравувањата за излегувањето од еврозоната што лошо се одразува врз грчките банки и пазарите.

„Ова е многу негативен развој на настаните за банките и економијата. Одливот на парите ќе продолжи. Дневно губиме 400 до 500 милиони евра, околу две милијарди евра седмично. Ќе имаме голем притисок врз приносите од акциите и обврзниците“, изјави во анкетата на Reuters неименуван грчки банкарски експерт.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП