6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААсоцијацијата на земјоделци бара да се усвојат измените за добивање субвенции

Асоцијацијата на земјоделци бара да се усвојат измените за добивање субвенции

zemjodelstvo222

Асоцијацијата на земјоделци на денешната прес­конференција во Штип побара од страна на пратениците во Собранието на Република Македонија да бидат усвоени измените во Законот за земјоделство и рурален развој во делот на субвенциите.

Претседателот на Асоцијацијата, Ефтим Шаклев истакна дека предлогот на повеќе земјоделски здруженија е долговите за пашарина, концесија за земјоделско земјиште, водарина и радиодифузна такса да се подмират од субвенциите.

„Поради досегашниот закон многу голем дел од земјоделците не беа во можност да ги земат субвенциите поради неподмирени долгови кон државата, а најголем проблем имаше со неплатената пашарина, водарина, концесии за земјоделско земјиште и за радиодифузна такса. Имаше многу непријатни ситуации, многу поплаки од самите земјоделци и многу од нив ни сугерираа дека овој закон треба да се смени“, рече Шаклев.

Тој додаде дека по средбите со надлежните министерства, Платежната агенција и УЈП успеале да ги направат овие измени во корист на земјоделците кои, како што вели, од немање средства, незнаење или од заостанати книжења имаше проблеми со добивањето на субвенциите.

„Оваа година околу 1.200 земјоделци го изгубија правото за добивање на субвенции. Ако овој наш предлог биде прифатен од Собранието, тогаш сите земјоделци ќе си ги добијат субвенциите, освен за делот за обврските кои што го имаат кон државата“, рече Шаклев, додавајќи дека ова не треба да им помине во навика на земјоделците, односно оти треба навреме да се плаќаат обврските.

Според него, со овие измени подобро е долговите кон државата да се исплатат преку субвенциите, а не преку извршители.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП