28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОбама предлага договор за буџетската криза со кој „ќе се купат“ месец...

Обама предлага договор за буџетската криза со кој „ќе се купат“ месец и пол

O

– Двете длабоко поделени политички страни во САД се уште не можат да се договорат околу деблокирање на централната Влада и справувањето со долгот, што може да предизвика банкрот на САД.

Американскиот претседател Барак Обама вчера од републиканците во Конгресот побара барем краткорочно деблокирање на Владата и кревање на лимитот на државниот долг, велејќи дека потоа ќе биде подготвен да преговара за нивните барања.

– Ако сакаат да ја деблокираат Владата, да го зголемат нивото на долг и доколку не можат тоа да го сторат на подолг рок, тогаш нека го сторат за периодот додека да завршат овие преговори. Единственото што јас го велам е дека нема да им платиме за уцената дека нема да дозволат САД да ги плаќаат своите сметки, изјави Обама.

Спикерот на Претставничкиот дом Џон Бојнер рече дека ваквата понуда е неприфатлива за нив, бидејќи предвидува републиканците да се откажат од својата моќ во преговорите.

– Претседателот вели дека прво ние мора безусловно да се предадеме, а потоа ќе седне да разговара со нас. Тоа не е начинот на кој функционира Владата, изјави Бојнер.

Републиканците го условуваат усвојувањето на Буџетот за новата фискална година, што започна на 1 октомври, со одлагање на стапувањето во сила на здравствената реформа на Обама, позната како „Обамакер“, за една година.

Што се однесува пак до долгот, републиканците велат дека ќе дозволат негово зголемување доколку демократите прифатат драстично намалување на трошоците.

Претставничкиот дом вчера го усвои предлогот за формирање преговарачки тим, во кој би влегле конгресмени и сенатори од двете партии и кои би разговарале за зголемување на нивото на долг, што е непоходно доколу САД сакаат да избегнат банкрот до крајот на октомври.

Првичните реакции од Демократската партија на овој предлог се негативни. Во меѓувреме, блокадата на централната Влада доведува до нови мачни моменти, а на Вашингтон му се закануваат протести и блокади. Четири семејства на американски војници загинати во Авганистан соопштија дека армијата ги информирала оти, поради буџетската блокада, нема пари за церемонијалниот дочек на телата на нивните блиски во
воената база Довер во Делавер.

Семејствата ќе мораат самите да ги платат патните трошоци до Делавер, а Пентагон ги информирал дека нема да ги исплати ниту вообичаените погребни трошоци и еднократната помош за семејството.

Во Вашингтон, осум демократски конгресмени беа привремено уапсени за време на протестот на група од неколку стотици илегални доселеници во САД, кои блокирале улица во центарот на градот. Демонстрантите бараат републиканците во Конгресот да се откажат од буџетските расправии и да почнат да разговараат за обезбедување државјанства за илегалните доселеници.

Полицијата во Вашингтон ги затвори спомениците во центарот на градот и во изминатата недела повеќе пати мораше да брка демонстранти и граѓани кои се собираат околу спомениците на ветераните, меѓу нив и ветерани од Втората светска војна и од војната во Виетнам.

 

Congress
Нови инциденти се регистрирани и во националните паркови, кои властите во Вашингтон се обидуваат да ги затворат за време на буџетската блокада. Група повозрасни туристи информираа дека вооружени полицајци им забраниле да се движат низ познатиот национален парк Јелоустоун.

– Излеговме да се повозиме со автобусот и застанавме до стадо бизони да ги фотографираме, кога дојдоа полицајци да ни кажат дека не смееме да се рекреираме низ паркот и дека единствено можеме да седиме во хотелот. Некои од постарите туристи од Азија се преплашија, помислија дека се уапсени, изјави туристичкиот водач Пет Ваиланкорт.

Здравствената реформа „Обамакер“, околу која и почна буџетскиот спор, пак, се уште се соочува со сериозни проблеми, една недела по нејзиниот старт. Интернет страницата www.healthcare.gov, преку која граѓаните можат да се пријават за здравствено осигурување според новите правила воведени од Обама, се уште не може да профункционира и покрај тоа што беше направен обид за нејзино подобрување во текот на викендот.

Секретарите за финансии и за здравство, Џек Лу и Кетлин Сибелиус одбиваат да одговорат на директните прашања колку граѓани досега се пријавиле за „Обамакер“. Сибелиус помина особено лошо во интервју за хумористичната емисија „Дневното шоу“ со популарниот Џон Стујарт, кој иако беше поддржувач на „Обамакер“, и се нафрли на министерката за лошиот почеток на реформата, но и за одредбата со која граѓаните за првпат ќе мораат да си обезбедат здравствено осигурување.

– Ако сум јас граѓанин кој не сака да има осигурување, тешко ми е да прифатам дека на големите компании за една година им го одложивте рокот кога ќе мора да ја применат „Обамакер“, а јас не добив таков рок. Почнавте да го поддржувате големиот бизнис кој ве лобира, а не им давате еднакви права на граѓаните, обвини Стујарт.

Одговорот на Сибелиус дека младите граѓани, кои не сакаат да трошат пари за здравствено осигурување не мора да го сторат тоа, но ќе мора да платат казна, предизвика смеење на публиката.

Со приближувањето на 17 октомври, кога САД би можеле да банкротираат доколку во меѓувреме не биде постигне некаков политички договор за буџетската криза, растат повиците до двете американски партии да постигнат договор и да го спречат најлошото, јави дописникот на МИА.

– Последиците од американскиот банкрот би биле крајно сериозни. Ве молиме размислете за политиките и надвор од Белтвеј (Вашингтон) и подалеку од вашите изборни единици.

Навистина размислете какви последици вашата пасивност ќе има врз сиромашните мајки во Африка, кои се обидуваат да ги прехранат своите деца. Ќе предизвикате последици за младите мажи и жени кои се обидуваат да отворат бизниси на Блискиот Исток.

Ова е сериозно, нема да има само теоретски последици, туку и реални, изјави , претседател на Светската банка, Џим Јонг Ким, кој со сериозните закани и се придружи на директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард.

Без договор, американскиот Секретаријат за финансии веќе од 17 октомври нема да може да позајмува пари за нови задолжувања и ќе може само да ги репрограмира старите долгови. Бидејќи САД функционираат со голем дефицит, се проценува дека во овој случај, до крајот на октомври САД ќе останат без доволно пари за да ги покријат преземените обврски, независно дали тоа се враќањето на надворешниот долг, исплатите за армијата, социјалните програми или дискрециските програми.

Кина и Јапонија веќе упатија слични предупредувања до САД. Жу Гуангјао, заменик министерот за финансии на Кина, на која отпаѓа најголем дел од американскиот надворешен долг, изјави дека мора да биде најдено решение за да се гарантира безбедноста на кинеските инвестиции во САД.

Обама вчера се обиде да внесе малку стабилност во драмата во Вашингтон најавувајќи го името на новиот претседател на Управата на федералните резерви (ФЕД). Местото на Боб Бернанке првпат ќе го земе жена, професорката Џенет Јелен, која сега е една од неговите заменици на место прв човек на американската централна банка. Нејзиното име излезе на површина, откако претходниот фаворит Лоренс Самерс се соочи со сериозни критики во Сенатот поради неговите премногу конзервативни ставови во минатото.

Федералните резерви се соочени со обврската да ја запрат праксата на т.н. квантитативно олеснување, со која ФЕД секој месец ги поткрепува берзите во САД, купувајќи обврзници пред се на американските банки за околу 85 милијарди долари. Оваа политика, која претставува своевидно печатење на пари, требаше да запре или барем да биде намалена уште минатиот месец, но Бернанке неочекувано се откажа од оваа одлука.

Се стравува дека крајот на ова помагање на берзите би било уште еден шок за американската економија, покрај споровите за долгот, за буџетот и за здравствените реформи „Обамакер“.

Во ваква атмосфера, во Вашингтон утре треба да почне редовната годишна средба на ММФ и на Светската банка, на која ќе присуствуваат гувернери на централните банки од целиот свет, голем број економски експерти и политичари. Се очекува политичката криза во САД и презадолженоста на западните земји да бидат главна тема на состаноците и панел-дискусиите.

Од македонска страна, на средбите ќе учествуваат вице-премиерот и министер за финансии Зоран Ставревски и гувернерот ма Народната банка, Димитар Богов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП