28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПреку Доха до 150 дестинации во светот

Преку Доха до 150 дестинации во светот

Македонија со новата дестинација Доха- Скопје-Доха којашто од вчера лета „Катар ервејс“ ќе се поврзе со 150 земји ширум светот.

Цената на билетите за патување на новата дестинација Доха-Скопје-Доха ќе биде различна зависно од таргет групата и системот за резервирање.

„Почнавме промотивни кампањи што ќе привлечат патници од Скопје до светот на различните дестинации и за сите сегменти и за бизнис и за економски и туристички патници имаме различни цени кои зависат од системот за резервирање преку нашите туристички оператори“, рече денеска на прес-конференција во Скопје Ферит Аксун, претставник на раководството на „Катар ервејс“, по повод промовирањето на новата линија.

Летот со траење од пет часа и 15 минути ќе се реализира секој понеделник, среда, петок и недела. Заминувањето од меѓународниот аеродром „Хамад“ во Доха е во 06:50, а пристигнувањето на „Александар Велики“ во Скопје во 11:15. Тргнувањето од Скопје е во 12:15 часот, а пристигнувањето во 18:15 часот. Раководството на компанијата и македонските воздухопловни власти најавуваат поврзување на граѓаните на Македонија со над 150 дестинации, олеснување на патувањето на македонските иселеници во Австралија и Нов Зеланд, како и можности за унапредување на економската соработка меѓу двете држави.

„Ја поврзуваме Македонија со многу лесни појдовни врски до Мелбурн, Перт, Сингапур, Куала Лумпур, Мумбај и други дестинации. Шемата на работа беше таква да и овозможи на Македонија најдобра врска. Во Катар во просек имаме околу 2.000 Македонци, од кои над 100 работат за „Катар ервјес“, истакна главниот комерцијален директор на „Катар ервејс“ Ехаб Амин.

Летот од Скопје до Сиднеј со транзитното време ќе трае 20 часа и 20 минути, а летот од Скопје до Банког 14 часа и пет минути, дополни Амин, потенцирајќи дека при транзит во Доха македонските граѓани кои остануваат повеќе од пет часа може да добијат бесплатна виза при слетување што е валидна четири дена.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, воспоставувањето на новата линија е од огромно значење за Македонија и Катар бидејќи се отвораат бројни можности за значајно унапредување на соработката во економијата, туризмот, културата, инвестиците и други области од заеднички интерес.

„Тоа се совпаѓа токму со намерите на новата реформска Влада за обезбедување услови за привлекување странски инвестиции за развој на нашата земја. Дополнително се отвораат бројни можности и за домашните компании за проширување на сопствените бизниси и пласирање на производите на нови пазари“, рече Сугарески.

Посакувајќи им успех во работатата на претставниците на „Катар ервејс“ им порача дека Македонија на нив гледа како на партнер за развивање на односите меѓу двете држави.

„Катар ервејс е една од најбзорастечките авиокомпоании во светот и се надевам дека новата линија ќе придонесе за дополнително развивање на авиосообраќајот во земјава“, рече Сугарески, изразувајќи надеж дека и во наредниот период на македонскиот пазар ќе влезат нови авиокомпании со атрактивни дестинации и нови можности за граѓаните на Македонија.

Како што беше потенцирано на прес-конференцијата, активностите за влез на националниот авиопревозник на Катар на македонскиот пазар траеле околу две години. „Катар ервјес“ има флота од 200 воздухоплови кои што летаат до 150 бизнис и туристички дестинации на шест континенти. „Катар ервејс карго“, пак, е трет најголем меѓународен карго превозник.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП