27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА21.5% од Македонците се сиромашни - 70% од работниците имаат плата под...

21.5% од Македонците се сиромашни – 70% од работниците имаат плата под просекот

ooo

Секој четврти Македонец живее во сиромаштија. Проблемот е најголем кај најмладите, а најмал кај највозрасните. Државната статистика констатира намалување на стапката на сиромаштија за 0.6, раст на просечната плата за 1.1 и намалување на трошоците на живот за 0.2 процентни поени. Од друга страна 70% од работниците имаат плата под просекот кој за октомври изнесувал 22.640 денари.

Секој четврти Македонец живее во сиромаштија

Секој четврти Македонец живее во сиромаштија. Стапката на сиромаштија изнесувала 21.5% во 2015-та. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во однос на 2014-та е намалена за 0.6, а во однос на 2013-та за 2.7 процентни поени.

Минатата година 445.000 Македонци живееле под прагот на сиромаштија кој за самечко домаќинство изнесува 78.000, а за четиричлено домаќинство 164.000 денари годишен приход.

Највисока стапка на сиромаштија има кај најмладите односно децата до 17 години, изнесувала 28.6%; а најниска кај највозрасните односно постарите од 65 години, изнесувала 14.5%.

39.7% од невработените, 8.9% од вработените и 7.3% од пензионерите живеат во сиромаштија.

Минимално намалување на трошоците на живот

Трошоците на живот се намалени за 0.2% во ноември 2016-та во однос на ноември 2015-та.

Според податоците на ДЗС најмногу поевтиниле категориите „останати стоки и услуги“ (-2.0%); потоа храна и пијалаци (-1.5%), здравје (-1.4%), рекреација и култура (-0.9%), домување и комуналии (-0.5%) и образование (-0.1%). Истовремено најмногу поскапеле алкохолот и цигарите (+5.0%), мебел и покуќнина (+3.6%), ресторани и хотели (+1.6%), комуникации (+1.3%), транспорт (+0.7%). Кога се ќе се собере вкупните трошоци на живот се намалиле за 0.2%.

Минимално зголемување на просечната плата

Просечната плата во октомври достигнала 22.460 денари. Во однос на истиот месец лани е поголема за 1.1%, покажуваат најновите податоци на ДЗС.

Највисоки примања имаат вработените во воздухопловството и во осигурителниот бизнис – заработуваат од 38.000 па се до 58.000 денари, а најниски и натаму текстилците и кожарите – платите се меѓу 11.000 и 14.000 денари.

„Зголемувањето на нето платата се должи на повисоката исплатена платата во секторите градежништво, административни и помошни услужни дејности и објекти за сместување и сервисни дејности со храна и тоа во просек за околу 6%“ наведува ДЗС.

Во октомври годинава 1.1% од вработените во Република Македонија не примиле плата.

Синдикалната кошница речиси непроменета

Потрошувачката кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати (ССМ) во октомври годинава била два денари „полесна“ во однос на истиот месец лани.

Според пресметките на ССМ за едно четиричлено семејство да го протурка месецот се потребни 32.254 денари.

Најголем дел од овие пари (41%) одат на храна и пијалаци, потоа на трошоци за домување (33%), па хигиена (7%), превоз (7%), облека и обувки (6.5%), култура (3.5%) и здравје (2%).

70% од работниците под просекот – како да се промени ова?

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата.

Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната. Разликите меѓу помалку и повеќе платените треба да се пеглаат и со минималната плата. Таа на 1 јануари порасна за 490 денари со што достигна 10.080 денари. Текстилната и кожарската индустрија, кои се и најмалку платени сектори, ќе мораат да исплаќаат барем по 9.000 денари. За нив усогласувањето е одложено.

Според анализите на институтот за економски истражувања и политики Finance think дури 43% од вработените земаат помали плати од 12.000 денари, а само 8% повеќе од 25.000 денари, додека, пак, половина од вработените во земјава земаат плата меѓу 12.000 до 25.000 денари.

„Постои простор за пораст на минималната плата. А и последните анализи на институтот покажаа дека порастот на минималната плата до 50,9 отсто од просечната плата ќе ја намали невработеноста. Во моментов тоа ниво е 11.300 денари. Но со промената на просечната плата, ова ниво би се сменило, само потребна е внимателност на порастот. Над овој износ, порастот на минималната плата може да ја зголеми невработеноста, односно нископлатените сектори не би можеле да издржат плата над ова ниво и повисока плата од овој праг би можела да предизвика отпуштање работници“ вели Благица Петрески од Finance think.

Бизнисмените пак велат дека додека стопанството не порасне и не почне да создава посериозни работни места со поголем профит, платата не може да расте.

„Во услови на ниска инфлација и стабилен курс на денарот, платите можат да пораснат само во случај на зголемување на продуктивноста во компаниите. Секој пораст поголем од порастот на продуктивноста ќе ја намали конкурентноста на нашите компании на пазарот и ќе доведе до затворање на компаниите. Во нашето стопанство се уште доминираат трудоинтензивни дејности, каде што најголемиот процент од вработените се со низок степен на образование и работат едноставен мануелен труд. Бројот на високо образованите кадри во овие компании е многу мал и нивните повисоки плати не можат да влијаат на зголемување на просекот“ објаснува Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП