5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДен на дрвото: загаденоста зема данок во човечки животи и материјални средства

Ден на дрвото: загаденоста зема данок во човечки животи и материјални средства

dennadrvo

1.351 смртен случај и економска загуба од 253 милиони евра или нешто над 3% од вкупниот Бруто домашен производ – ова е цената во човечки животи и во материјални средства што Македонија ја плаќа секоја година поради загадениот воздух, покажуваат анализите на Светска Банка.

Извештајот „Зелен развој“ ја рангира земјава на петтото место во Европа според последиците предизвикани од штетните ПМ-10 и ПМ-25 честички. Полошо од нас стојат само Бугарија, Србија, Романија и Унгарија.

Зголемен бројот на сериозно и на хронично болни

Штетните честички во просек секоја година предизвикуваат 1.351 смртен случај поради развивање на болести на белите дробови, на срцето и на крвните садови, се наведува во извештајот во кој исто така се посочува и на зголемената појава на хроничен бронхитис, астма и други помалку сериозни заболувања.

Сето ова резултира со 15.200 итни интервенции и посети на лекар, 770 третмани со пролонгиран престој во болнички услови и стотици илјади пропуштени денови на работа поради боледување, како и огромни трошоци за здравствениот систем.

Според Светска Банка, 44.8% од издатоците за лекување поради загадениот воздух отпаѓаат на жителите на Скопје, 8.5% на Битола, 8.0% на Куманово, 5.1% на Тетово, 4.8% на Велес…

Кој е главниот виновник за загадувањето?

Податоците во извештајот се од 2011-та, според нив 58% од ПМ честичките биле поради работењето на металуршките компании, 17% од термоелектраните и топлификациите, 10% од асфалтот за патиштата, 8% од домаќинствата и 7% од други извори.

„Кај металуршкиот сектор мора да се работи на инсталирање на соодветни филтри, кај производството на струја на промена на основниот енергенс кој се користи – природен гас наместо лигнит и јаглен, кај производството на асфалт мора да се воведе посовремена опрема, кај домаќинствата мора да се работи на замена на старите и неефикасни печки“ се наведува во Извештајот според кој сите овие постапки веќе се дел од пред пристапните процеси за зачленување во Европската Унија.

Што велат мерните станици денеска?

Вчерашните врнежи и денешниот ветер драстично ја подобрија состојбата. Мерните станици покажуваат дека утрово во Центар концентрацијата на ПМ-10 честички била само 20 микрограми на кубен метар, во Карпош 15, во Лисиче 20, во Гази баба 65, во Битола 33, во Кичево 33, во Тетово 26, во Кочани 26.

Максимално дозволената концентрација е 50 микрограми на кубен метар.

Пред само една недела концентрациите беа и 10 пати над максимално дозволеното.

Ден на дрвото – засадување 2.6 милиони садници на 550 хектари

Над 500 хектари треба да бидат пошумени со над 2.6 милиони садници на „Денот на дрвото“.

Акцијата се спроведува на 60 локации а за пошумување се користат црн и бел бор, багрем, јасен, јавор, чемпрес, аризонски чемпрес, смрча, дуглазија, даб, питом костен, дива круша, црн орев.

Најголем дел од садниците, 1 милион, се наменети за Скопје и околината; 150.000 за Битола; 100.000 за Тетово; како и 100.000 за Кичево – градовите кои предничат во загаденоста на воздухот.

8 години „Ден на дрвото“ – потрошени околу 10 милиони евра

Акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ почна во 2008 година и во првите четири години, до 2011-та, се спроведуваше во две сезони – пролет и есен. Во последните пет години, пак, пошумувањето се извршува само на есен.

Според надлежните во досегашните 16 акции се пошумени речиси 13.000 хектари со над 35 милиони садници. Најдобар беше ефектот во 2009 година кога во две акции на речиси 4.000 хектари беа засадени повеќе од 7.900.000 садници.

Според досега објавените податоци на Министерството за земјоделство и на Македонски шуми за досегашните акции се потрошени речиси 10 милиони евра.

Анализите на Инспекторатот за шумарство покажуваат дека 53% од садниците ја преживуваат првата година.

Њујорк: попис и дигитална мапа на сите дрвја

Градот Њујорк, пак, ги објави резултатите од пописот и дигиталната мапа на своите зелени површни.

Во метрополата има вкупно 687.781 дрвја – процесот на пребројување траел две години а бил спроведен од 2.300 доброволци.

Доброволците во изминативе месеци оделе по улиците на њујоршките квартови заедно со експерти кои претходно ги обучиле да ги распознаваат дрвата и нивните карактеристики.

Со тоа бил создаден регистар на растителниот свет во градот, кој е на располагање во облик на шумска карта.

Најавени се и анализи за економското влијание на секое одделно дрво во градот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП