4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата целосно ќе ги обесштети граѓаните од поплавените подрачја

Владата целосно ќе ги обесштети граѓаните од поплавените подрачја

nt

Целосно обесштетување на граѓаните од кризните региони за штетите предизвикани од поплавите е првата од пакетот од вкупно осум мерки што Владата на денешната седница ги усвои, а се наменети за настраданите во поплавените подрачја од Скопскиот регион, изјави во неделата вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.

Мерките вклучуваат и покривање на партиципацијата на здравствените услуги на сите нивоа во зафатените подрачја, ослободување на домаќинствата од плаќање месечни издатоци за вода и ѓубретарина во период од три месеци, еднократна парична помош за набавка на училишен прибор за сите деца во основно образование од кризните региони.

Со мерките се предвидува и бесплатна изработка на елаборат за постапката за легализација за семејствата од погодените региони од невремето кои не извршил легализација на своите куќи, зголемување на паричната помош во следните три месеци за 50 проценти за семејствата погодени од поплавите кои се приматели на парични права од социјална и детска заштита, односно социјална парична помош, постојана парична помош, додатоци за мобилност за слепило и за глувост, помош и нега од трето лице и посебен додаток за деца со пречки во развојот.

Седмата мерка е обезбедување на 30 тони јачмен од државните резерви кои ќе бидат наменети без надомест, за сточна храна за земјоделците од погодените региони кои имаат потреба од ваков тип на поддршка, а последната мерка од овој пакет е во насока на излегување во пресрет на барањата на земјоделците кои имаат земјоделски посеви во погодените региони.

„Ќе им овозможиме бесплатна анализа и испитување на почвата, процес во кој што ќе биде потребно да се утврдат и можните потреби за нејзино прочистување“, изјави Тодоров.

Пакетот од осум мерки е само дел од целокупниот процес на санација на штети и помош и поддршка за настраданите граѓани, рече Тодоров, најавувајќи дека за во иднина Владата разгледува и други мерки во најразлични области. „Тоа се конкретни чекори и мерки со кои покажуваме грижа за сите наши сограѓани на кои во овие моменти од исклучителна важност им е искрената поддршка во секој сегмент од секојдневното живеење“, додаде тој, потенцирајќи дека усвоените пакет мерки се дел од заложбите на Владата за побрзо и поефикасно нормализирање на состојбите, санација на штетите, но и помош и поддршка за настраданите граѓани.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП