5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечната плата достигна 22.715 денари – дали е доволна за да се...

Просечната плата достигна 22.715 денари – дали е доволна за да се протурка месецот?

paa

Македонскиот работник во просек заработува по 22.715 денари месечно. Ова е износот на просечната нето плата за декември според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). За една година таа пораснала за 2.4%.

Убедливо највисоки примања имаат адвокатите и сметководителите, во просек заработуваат по 67.500 денари. Програмерите и компјутерџиите добиваат по 64.700. Банкарите и осигурителите по 41.300.

Најмали плати имаат вработените во кожарската индустрија, 11.100 денари. Нешто подобро стојат рибарите со 12.300 и текстилците со 12.800 денари месечна нето – плата.

Минатата година најмногу пораснале примањата во секторот уметност и забава за 16.1%, потоа услужни дејности за 9.4% и рударство за 6.3%. Намалување имало кај дејностите поврзани со недвижности за 7.4% и кај транспорт за 2.7%.

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата. Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

„Бројките говорат дека генералната политика на државата е да се штеди на најсиромашните, наместо да им се даде поддршка. Постојните и новите приматели на социјална поддршка се под удар на засилените контроли и ограничувањата“, изјави неодамна Билјана Дуковска од МППС.

Минималецот порасна за 490 денари, предлогот дополнителни 8.000 не помина

Разликите меѓу помалку и повеќе платените треба да се пеглаат со минималната плата. Таа на 1 јануари порасна за 490 денари со што достигна 10.080 денари. Текстилната и кожарската индустрија, кои се и најмалку платени сектори, ќе мораат да исплаќаат барем по 9.000 денари. За нив усогласувањето е одложено.

Пред две недели Собранието ги одби предлог – законските измени поднесени од пратеникот Павле Трајанов за зголемување на минималецот од 10.080 на 18.080 денари.

„Странските компании во Македонија имаат огромни погодности и буџетски дотации за плаќање на придонеси за вработените, даночни и царински ослободувања, а им исплаќаат на вработените плати од 130 евра. Просечната плата на вработените во слободните економски, царински и индустриско-технолошки зони изнесува 260 евра или помалку, за над 100 евра во однос на просечната плата во Република Македонија“, објаснуваше во своето образложение Трајанов.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се согласија со ова. Тврдеа дека сите сакаат повисоки плати, но мора се земе предвид и реалната економска состојба.

„Ние би сакале повисоки плати за сите граѓани. Ние и досега постојано сме воведувале мерки за вработување. Ние го донесовме и Законот за минимална плата. Но, сметам дека пред да поддржиме вакво решение, треба да постигнеме долгорочен економски раст и економска стабилност за да може да се зголеми минималната плата до нивото кое го предлага Трајанов“, рече на расправата Благоја Деспотовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската СДСМ настапи контра колегите од владејачката ВМРО-ДПМНЕ иако и самите признаа дека минималец од 300 евра е сериозен предизвик за Македонија.

„Сепак тоа не значи дека веднаш треба да биде отфрлен предлогот. Пред сѐ треба да се консултираат и компаниите колку се финансиски моќни за да ги издржат ваквите решенија. Но, не е во ред да се држите до Законот за минимална плата, кој е веќе донесен, и да мислите дека таа е во ред и истовремено да ја промовирате Македонија како економски најразвиена земја“, реплицираше Маријанчо Николов од СДСМ.

Странските инвеститори даваат помали плати од домашните компании

Платата во слободните зони во просек е помала за речиси 100 евра во однос на примањата надвор од нив. Ова може да се заклучи од споредбената анализа на податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) и на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Според ДЗС просечната плата во Македонија во декември 2015-та била 22.715 денари, а во преработувачката индустрија која преовладува во зоните била 17.555 денари. Од друга страна според СКМ просечниот месечен личен доход кај странските инвеститори е 16.143 денари ако се изземат примањата на менаџерите и раководителите.

„Оваа плата не може да се споредува со просечната плата на државно ниво туку со истите индустрии во и надвор од зоните. Тоа значи дека ако се направи споредба со индустриските сектори кои се вклучени во слободните зони, а тука влегуваат автомобилската индустрија, производство на компјутерски и електронски делови, хидраулични и гумени производи, може да се каже дека отстапувањето на платите во слободните економски зони е минимално во однос на просечната исплатена бруто плата на територија на Македонија“, изјави Марјан Стојановски од Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Во Центарот за економски анализи, пак, сметаат дека ниските плати се во колизија со високите технологии кои ги носат инвеститорите.

„Ниските плати кои во просек се под националниот просек се во судир со политиките кои декларираат дека привлекуваме високи технологии“, вели Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи.

Компаниите во овие зони 10 години се ослободени од персонален и данок на добивка, ДДВ, а имаат и царински ослободувања.

Колкава е просечната и минималната плата кај соседите?

Според Евростат најниска минимална плата на Западниот Балкан има Косово, 130 евра. Во Албанија е 150 евра, во Србија е 174, во Црна Гора е 193, а во Босна 191 евро. Со последното покачување Македонија има минималец од 10.080 денари односно 163 евра. Ние бевме и една од последните земји во регионот и во Европа која со закон ја утврди висината на минималната плата, која треба да го штити стандардот на работниците, но и нивните права.

И во однос на просечната плата Македонија стои полошо од соседите. Кај нас таа е 22.715 денари односно 369 евра. Во Србија е 421, во Црна гора 477, а во Хрватска 770 евра.

Просечната плата не е доволна за просечно домаќинство да го протурка месецот

Една просечна плата не е доволна за едно семејство да го протурка месецот. Според минималната синдикална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на просечно домаќинство во декември лани му биле потребни 32.233 денари.

Најголем дел од овие пари 13.374 денари или 41% одат за храна и пијалаци. За трошоци за домување биле потребни 10.422 денари или 32%, за хигиена 2.223 денари или 6.9%, за превоз 2.339 денари или 7,26%, за облека и обувки 2.126 или 6.6%, за култура останувале 1.070 денари или 3.3%, а за здравство 677 денари или 2.1%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП