ЗДРАВЈЕ

Што да јадете пред спиење?

Кога доцна навечер ќе се појави глад, најлесно е да посегнете по она што ви е при рака, како чипс, бисквити или чинија житарки.

Сепак, нутриционистите велат дека правилниот избор на храна пред спиење може да го стабилизира нивото на шеќер во крвта, да обезбеди чувство на ситост и да го подобри квалитетот на сонот.

Според препораките на лиценцирани нутриционисти, идеалната вечерна ужина е комбинација од јаткасти плодови и сушено овошје, пишува „Martha Stewart“.

Препорака на нутриционистите

Нутриционистите истакнуваат дека мешавината од јаткасти плодови, особено ф’стаци, и сушени вишни е најздравиот избор за доцна вечерна ужина. Според нив, оваа едноставна комбинација ги задоволува повеќето потреби на организмот во текот на ноќта.

Џеки Њуџент, готвачка и нутриционистка, својата верзија ја нарекува „мешавина за спиење“. Станува збор за комбинација од ф’стаци и вишни, која, како што објаснува, е „едноставна, вкусна и не содржи стимуланси“. Иако звучи обично, нејзината ефикасност има научна основа.

Како влијае врз ситоста и сонот?

Вечерните ужини треба да го смират гладот без нагло зголемување на шеќерот во крвта и да помогнат за мирен сон. Јаткастите плодови и вишните ги исполнуваат двата услови.

Нутриционистите ја нагласуваат важноста од комбинирање протеини, здрави масти и растителни влакна во вечерниот оброк.

Ф’стаците, како и другите јаткасти плодови, ги содржат сите три состојки, што помага да се спречи падот на шеќерот во крвта поради кој човек може да се разбуди гладен среде ноќ. Нутриционистката Сапна Перувемба објаснува дека оваа рамнотежа „помага да се постигне чувство на ситост и го одржува нивото на шеќер во крвта постабилно во текот на ноќта“.

Вишните се еден од ретките природни извори на мелатонин, хормон кој го регулира циклусот на спиење и будност. Во комбинација со магнезиумот од јаткастите плодови, кој помага за опуштање, овој оброк постепено го подготвува организмот за одмор.

И Перувемба и Њуџент истакнуваат дека намирниците богати со магнезиум и мелатонин се важен дел од исхраната пред спиење.

За разлика од многу вообичаени грицки, оваа комбинација природно не содржи кофеин и има многу малку додаден шеќер. Тоа се два фактори што често го нарушуваат квалитетот на сонот. Дополнително, лесно може да се контролира големината на порцијата и да се избегне прејадување.

Што треба да избегнувате пред спиење?

Дури и некои намирници што се сметаат за здрави не се добар избор за доцните вечерни часови. Тоа се однесува на храната и пијалаците што содржат кофеин, како темно чоколадо, кафе и зелен чај, бидејќи можат да го отежнат заспивањето.

Исто така, треба да се избегнуваат оброци богати со јаглехидрати, а сиромашни со протеини, како солените переци.

Таквата храна може да предизвика нагло зголемување на шеќерот во крвта, по што брзо повторно се појавува чувството на глад.

На крајот, важно е да се внимава и на количината. Преголемите порции, дури и кога станува збор за здрава храна, можат да предизвикаат дигестивни проблеми и да го нарушат сонот.