Хроничното воспаление е еден од клучните фактори што го загрозуваат здравјето на срцето, но исхраната со противвоспалително дејство може значително да го намали ризикот. Таквиот начин на исхрана, кој вклучува многу овошје, зеленчук, немасни протеини, интегрални житарки и здрави масти, е основа за превенција на срцевите заболувања.
„Противвоспалителната исхрана му помага на срцето затоа што го намалува хроничното воспаление со низок интензитет, кое има централна улога во создавањето наслаги, вкочанетоста на артериите и оштетувањето на ѕидовите на крвните садови“, објаснува нутриционистката и специјалистка за дијабетес Мишел Раутенштајн, пренесува „EatingWell“.
Зачините се одличен начин оброците да се збогатат со антиоксиданси и фитонутриенти – супстанции што се важни за противвоспалителното дејство. Нутриционистите издвојуваат шест зачини што можат да помогнат во намалувањето на воспалението и да придонесат за здравјето на кардиоваскуларниот систем.
1. Цимет
Циметот е разновиден зачин што лесно може да се додаде во овесна каша или смути.
„Истражувањата покажуваат дека циметот може да го подобри крвниот притисок, нивото на шеќер во крвта и холестеролот, како и да ги намали маркерите на воспаление. Поради тоа, тој може да биде особено корисен за метаболичкото и кардиоваскуларното здравје“, вели нутриционистката за функционална исхрана Кејти Хедли.
Особено се цени цејлонскиот цимет, кој е богат со биоактивни соединенија, како што се цинамалдехидот и циметната киселина. Овие соединенија имаат антиоксидативни и противвоспалителни својства.
Поголемиот дел од истражувањата се спроведени со високи дози суплементи, но Хедли препорачува циметот почесто да се користи во секојдневните оброци за да се искористи неговиот потенцијал.
Иако многу високите дози во форма на додатоци во исхраната можат да предизвикаат интеракции со одредени лекови, вклучително и лекови за рак, никотин, лекови за разредување на крвта и терапии за дијабетес и висок крвен притисок, ризикот е занемарлив кога циметот се користи во вообичаените количества како зачин во храната.
2. Каранфилче
Ароматичното каранфилче содржи повеќе активни соединенија што можат да бидат корисни за срцето, меѓу кои се еугенолот, кверцетинот и лутеолинот. Особено се издвојува еугенолот поради неговото дејство.
„Еугенолот може да помогне во намалувањето на воспалението, да ги заштити крвните садови од оксидативен стрес и да придонесе за одржување здраво ниво на холестерол“, наведува Раутенштајн.
Таа советува за поддршка на здравјето на срцето да се користи околу четвртина лажичка мелено каранфилче или две до три цели каранфилчиња дневно. Може да се додадат во чај, но и во слатки или солени јадења.
3. Лук
„Лукот содржи активно соединение наречено алицин, кое може да помогне во намалувањето на крвниот притисок, подобрувањето на нивото на холестерол, намалувањето на воспалението и заштитата на крвните садови од создавање наслаги“, вели Раутенштајн.
Алицинот се ослободува кога лукот ќе се згмечи или исечка, па затоа се препорачува токму таквата подготовка за да се искористи неговиот потенцијал.
Иако суплементите со лук не се секогаш препорачливи поради можните интеракции со лекови, како што се аспиринот и препаратите за разредување на крвта, употребата на свеж лук во исхраната генерално се смета за безбедна. Тој е и одличен начин да се збогати вкусот на зеленчукот и интегралните житарки.
„За најдобри резултати се препорачува консумирање еден до два чешниња свеж лук дневно. Најдобро е да се згмечат или исечкаат и да се остават неколку минути пред да се зготват“, додава Раутенштајн.
4. Ѓумбир
Ѓумбирот има препознатлив, пикантно-сладок вкус со цитрусна нота, а на јадењата им додава и важни соединенија со противвоспалително дејство.
Иако резултатите од истражувањата за неговото влијание врз срцето сè уште не се целосно усогласени, ѓумбирот покажува значителен потенцијал.
„Ѓумбирот содржи ѓингероли и шогаоли, кои можат да го намалат воспалението, да помогнат во одржувањето здраво ниво на шеќер во крвта и инсулин, да ја подобрат циркулацијата и да ги намалат триглицеридите“, вели Раутенштајн.
Таа препорачува дневно да се консумираат една до две лажички свеж ѓумбир или половина лажичка мелен ѓумбир. Може да се додаде во чај, смути или јадења подготвени во вок-тава.
5. Мелена лута црвена пиперка
Податоците од истражувањата покажуваат дека луѓето кои редовно јадат чили-пиперки може да имаат до 17 отсто помал ризик од смрт поради срцеви заболувања. Клучното соединение е капсаицинот, кој им ја дава лутината на пиперките.
„Капсаицинот може да помогне во намалувањето на воспалението бидејќи го намалува нивото на одредени хемиски супстанции во организмот што го поттикнуваат“, објаснува нутриционистката Џејми Бахам.
Ова соединение може да го поттикне и создавањето азотен оксид – гас што помага во опуштањето и ширењето на крвните садови.
Мелената лута црвена пиперка, која се добива со сушење и мелење чили-пиперки, го задржува капсаицинот и претставува практичен и достапен начин за внесување на ова соединение преку исхраната.
6. Куркума
Куркумата со интензивна портокалова боја им дава земјена арома на чорбите, кари-јадењата и смутијата. Нејзиното главно активно соединение е куркуминот.
„Куркуминот има силни противвоспалителни и антиоксидативни својства, кои ги штитат крвните садови и можат да помогнат во одржувањето здраво ниво на холестерол и крвен притисок“, вели Хедли.
Истражувањата покажале дека куркуминот може да го намали нивото на Ц-реактивниот протеин, важен показател за воспаление во организмот.
Иако употребата на куркума во храната генерално се смета за безбедна, високите дози во форма на суплементи можат да предизвикаат интеракции со лекови против згрутчување на крвта, лекови за дијабетес и антациди.
Организмот тешко го апсорбира куркуминот, па затоа се препорачува да се комбинира со црн пипер. Тој содржи пиперин, соединение што значително ја зголемува искористливоста на куркуминот.
Како да ги користите зачините?
Грижата за здравјето на срцето не мора да биде сложена, а малите промени во исхраната со текот на времето можат да донесат значителни придобивки.
Употребата на зачини како цимет, каранфилче, ѓумбир, лук, мелена лута пиперка и куркума е едноставен начин оброците да се збогатат со соединенија што можат да помогнат во намалувањето на воспалението, но и да се испробаат нови вкусови.
„Зачините им даваат одличен вкус на јадењата без додавање калории, сол, масти или шеќер. Само тој факт може да придонесе за намалување на воспалението, а со тоа и на ризикот од срцеви заболувања“, заклучува Бахам.