ЗДРАВЈЕ

Просечната телесна температура повеќе не е 37 степени, зошто е тоа така?

Истражувањата покажуваат дека просечната телесна температура на луѓето денес е пониска отколку во 19 век. Иако долго време се сметаше дека 37 Целзиусови степени е универзалната нормална температура на човечкото тело, поновите податоци укажуваат дека таа вредност можеби е поблиску до 36,4 степени.

Научниците сè уште се обидуваат да утврдат што довело до оваа промена.

Уште во шеесеттите години на 19 век, германскиот лекар Карл Вундерлих спровел едно од најобемните истражувања на телесната температура во тоа време. Во текот на 15 години собрал повеќе од милион мерења кај околу 25.000 пациенти и заклучил дека просечната температура на здрав возрасен човек изнесува 37 степени.

Неговиот резултат станал медицински стандард што се користи и денес. Сепак, современите истражувања покажуваат дека човечкото тело постепено се лади во текот на последниот век и половина, пишува „BBC“.

Тим научници предводен од Џули Парсонет од Универзитетот „Стенфорд“ анализирал податоци за температурата на речиси 190.000 луѓе во САД, собрани во периодот од 1862-ра до 2017-та година.

Резултатите покажале дека просечната телесна температура на возрасните денес е поблиску до 36,39 Целзиусови степени.

Сличен тренд е забележан и кај народот Цимане, полуномадска заедница што живее во амазонската прашума.

Нивната просечна телесна температура, која на почетокот на 2000-тите изнесувала околу 37 степени, до 2018 година паднала на приближно 36,5 степени.

Поздравиот живот можеби е една од причините

Научниците сметаат дека една од причините за падот на просечната телесна температура може да биде подобриот квалитет на животот и општата здравствена состојба на населението.

Во 19 век луѓето многу почесто страдале од туберкулоза, дизентерија, инфекции и други заболувања. Имунолошкиот систем трошел повеќе енергија во борбата против инфекциите, а со тоа произведувал и повеќе топлина.

Денес, вакцинацијата, подобрата хигиена, поквалитетната здравствена заштита и достапноста на антибиотиците значително ја намалија зачестеноста на многу заразни болести.

Се промениле и условите за живот. Климатизацијата и греењето им овозможуваат на луѓето поголем дел од денот да го поминуваат во простории со пријатна температура. Поради тоа, организмот не мора да троши толку многу енергија за одржување на телесната топлина.

Дали првичните мерења биле погрешни?

Сепак, не сите научници се согласуваат дека промените во човечката биологија се единственото објаснување.

Филип Маковијак, историчар на медицината и специјалист за заразни болести од Универзитетот во Мериленд, укажува на можноста првичните мерења да биле непрецизни.

При анализата на еден стаклен термометар на Вундерлих, тој забележал дека инструментот бил калибриран за приближно два степени повисоко во споредба со современите термометри.

Освен тоа, мерењата тогаш се вршеле под пазувите, додека денес често се мери температурата во устата. Тогашните термометри биле долги и биле потребни дури 15 до 20 минути за правилно да се отчита температурата.

Сепак, истражувањето на податоците за американските воени ветерани, собрани во периодот од 1862-ра до 1930-та година, покажало дека луѓето родени порано навистина имале повисока просечна температура од оние родени подоцна. Тоа укажува дека разликата не е последица само на промените во мерните инструменти.

Што сè влијае врз телесната температура?

На телесната температура влијаат повеќе фактори, а 37 степени не е универзална вредност за секој човек.

– Возраст: Постарите лица главно имаат пониска телесна температура поради забавувањето на метаболизмот и намалената физичка активност.

– Пол: Жените во просек имаат малку повисока телесна температура од мажите, иако научниците сè уште немаат целосно објаснување за оваа разлика.

– Дел од денот: Температурата е најниска во раните утрински часови, меѓу три и пет часот, а највисока главно меѓу 16 и 18 часот.

– Висина и телесна тежина: Повисоките луѓе може да имаат малку пониска температура поради поголемото губење топлина преку површината на телото, додека поголемата телесна тежина може благо да ја зголеми.

Дали 37 степени повеќе не се нормална температура?

Сè повеќе стручњаци сметаат дека медицинските упатства треба да се приспособат на современите податоци. Во некои медицински прирачници и бази на податоци веќе се зема предвид дека нормалната телесна температура може да биде пониска од традиционалните 37 степени.

Сепак, лекарите предупредуваат дека не треба премногу да се потпираме на една конкретна бројчена вредност. Температурата од 36,99 степени суштински не се разликува од 37,01 степен.

Кај возрасните, температура пониска од 35 или повисока од 40 степени може да укажува на сериозен здравствен проблем и бара посебно внимание.

Научниците истакнуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди колкаво влијание имале промените во здравјето на луѓето, начинот на живот и условите во животната средина врз постепеното намалување на просечната телесна температура.