МАКЕДОНИЈА

Најмалку 19.516 денари треба да легнат на сметките на вработените до крајот на годината

Работодавачите имаат рок најдоцна до 31 декември 2026 година да префрлат регрес за годишен одмор (популарно К-15) на сметките на своите вработени, а поради континуираниот раст на платите во државата, минималниот износ што им следува на работниците е повисок во споредба со минатата година.

За разлика од други надоместоци кои се фиксни, висината на К-15 во приватниот сектор е променлива категорија и зависи од моментот кога фирмата ќе донесе одлука за исплата. Согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор, регресот мора да изнесува најмалку 40 проценти од просечната месечна нето-плата во државата исплатена во последните три месеци.

Просекот од последните три месечни плати изнесува 48.791 денар. Пресметката на 40 проценти од оваа сума покажува дека секој вработен во приватниот сектор чиј работодавач ќе го исплати регресот во овој период, на својата трансакциска сметка мора да добие најмалку 19.516 денари нето. На овој износ компанијата дополнително плаќа 10 проценти данок на личен доход.

Основниот и единствен услов за работникот да стекне право на К-15 е да има најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај истиот работодавач во текот на календарската 2026 година.

Не е важно дали работникот е пријавен на определено или на неопределено време, доколку ги поминал шесте месеци без прекин, регресот му следува.

Ако работникот работел, на пример, седум месеци во 2026 година и потоа си заминал од фирмата, поранешниот работодавач сè уште има обврска да му исплати К-15 до крајот на годината.

Законот го штити минимумот, но не го ограничува максимумот. Компаниите можат да исплатат и значително поголем регрес, а државата им го признава како неоданочив расход (за данок на добивка) сè до висина од 80 проценти од последната просечна бруто-плата, што според септемвриските податоци (73.940 денари бруто) изнесува 59.152 денари.

За вработените во јавниот сектор важат поинакви правила – според нивниот колективен договор, минималниот износ за 2026 година е утврден на 13.559 денари нето (30 проценти од просечната нето-плата во претходната година).

Иако исплатата е законска обврска, постои законски вентил за компаниите што се соочуваат со сериозни финансиски потешкотии и загуби. Таквите фирми можат да исплатат помал износ од законскиот минимум, но само доколку претходно склучат писмена спогодба со синдикатот или со претставник на вработените, поткрепена со реални финансиски показатели.

За сите останати компании кои без оправдување ќе го пробијат рокот по 31 декември, Државниот инспекторат за труд предвидува глоби до 4.000 евра – од 2.000 до 3.000 евра за правното лице и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во фирмата.

Уште поостри се санкциите за старата „болка“ на македонскиот пазар на труд – исплата на парите на сметка, па барање од работниците да ги вратат во кеш. Освен високите парични казни, Кривичниот законик за ваквата злоупотреба и условување на работниците предвидува и затворска казна до една година.