МАКЕДОНИЈА

Ќе може да се прима пензија и пред да се добие конечното решение

Граѓаните во Македонија кои ги исполнуваат условите за пензионирање, но поради нерешени административни прашања сè уште немаат добиено конечно решение, би можеле да добиваат привремени месечни исплати. Ваква можност се предвидува со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

За граѓаните кои го завршуваат својот работен век, периодот помеѓу последната плата и првата пензија може да претставува сериозен финансиски проблем.

Сметките за струја, вода, кредитните рати и секојдневните трошоци не можат да чекаат додека институциите ја комплетираат потребната документација.

Со предложените законски измени се предвидува можност Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да донесе привремено решение и да определи исплата на аконтација на пензијата, врз основа на податоците со кои располага.

Кој би можел да добива пари додека чека решение?

Предложената можност се однесува на граѓаните кои ги исполнуваат условите за остварување право на пензија, но кај кои постои нерешено претходно прашање што го спречува донесувањето на конечното решение.

На овој начин граѓаните би можеле да добиваат месечни приходи и додека трае постапката за утврдување на конечниот износ на пензијата.

Се подготвува и електронско водење на пензиските предмети

Со предложените измени се предвидува и дигитализација на постапките за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.

За секој предмет би се формирало електронско досие во кое ќе се внесуваат потребните документи и податоци.

Очекувањата се дека дигитализацијата ќе придонесе за поедноставување на административните постапки и побрзо решавање на барањата на граѓаните.

Кога би почнале да важат новите правила?

Засега станува збор за предложени законски измени, а не за ново право што граѓаните веќе можат да го користат.

Доколку предложените решенија бидат усвоени, тие би можеле да ја подобрат финансиската сигурност на граѓаните во периодот на преминување од работен однос во пензија.

Б.С.