МАКЕДОНИЈА

Младите бараат плата, а не празни ветувања – генерацијата З тешко наоѓа работа, а уште потешко ја задржува

Завршил факултет, испратил десетици биографии, бил на неколку разговори за работа, а одговорот речиси секогаш е ист. Нема доволно искуство. Кога конечно ќе најде фирма што сака да го вработи, следува ново разочарување. Почетната плата едвај ги покрива основните трошоци. Вака изгледа еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат младите од генерацијата З во Македонија, односно оние што се родени приближно од средината на деведесеттите до почетокот на минатата деценија.

Работа има, но не секогаш онаква каква што младите бараат. Компаниите се жалат дека тешко наоѓаат работници, а младите дека тешко наоѓаат пристојно платена работа. Најголемиот судир настанува кај очекувањата. Работодавците бараат дисциплина, искуство и посветеност, додека младите сакаат подобра заработка, можност за напредување и слободно време.

Според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност кај младите на возраст од 15 до 29 години во 2025 година изнесувала 23 отсто. Тоа значи дека речиси секој четврти млад човек што е активен на пазарот на трудот е без работа.

Економските аналитичари го посочуваат несовпаѓањето меѓу образованието и потребите на компаниите како една од пречките при вработувањето. Младите излегуваат од училишните клупи со диплома, но честопати без практично искуство. Од друга страна, дел од фирмите очекуваат нововработените веднаш да бидат подготвени за работа.

Проблемот не завршува со првото вработување. За млад човек што живее во Скопје, самостојниот живот подразбира кирија, сметки, храна, превоз и други секојдневни трошоци. Кога ќе се соберат сите издатоци, прашањето не е само колкава плата ќе добие, туку колку пари ќе му останат до следниот месец.

Меѓународното истражување на „Делоит“ за 2026 година покажува дека трошоците за живот петта година по ред се најголемата грижа на генерацијата З и милениумците. Дури 69 отсто од испитаниците од генерацијата З велат дека достапноста и цената на домувањето влијаат врз нивните одлуки за кариерата и местото на работа.

Во Македонија ова прашање е особено чувствително за младите што сакаат да се отселат од родителскиот дом. Без доволно висока плата, купувањето стан останува далечна цел, а изнајмувањето стан значителен месечен трошок.

Особено голем проблем е и работното време. Генерацијата З не сака секојдневно да останува на работа подолго од договореното, особено кога дополнителните часови не се платени. За разлика од претходните генерации, кај кои останувањето во иста фирма со децении често се сметало за успех, младите полесно размислуваат за промена на работодавецот.

Тие очекуваат и поинаков однос од претпоставените. Јасни задачи, почитување на договореното работно време и можност да научат нешто ново. Самата титула директор или раководител не им е најголем мотив.

„Младите работници се приспособуваат на промените, но сè повнимателно одлучуваат кога и под кои услови ќе прифатат поголема одговорност“, се наведува во оценката на истражувачите на „Делоит“.

Дополнителен предизвик е вештачката интелигенција. Младите сè повеќе ја користат за извршување на работните задачи, но истовремено стравуваат дека дел од почетните работни места ќе исчезнат. Во истражувањето, 58 отсто од припадниците на генерацијата З пријавиле дигитален замор поради постојаните известувања и користењето повеќе платформи.

За дел од младите во Македонија, решението останува барањето работа во странство. Други се насочуваат кон работа преку интернет, дополнителни ангажмани или отворање сопствен бизнис. Но, и за тоа се потребни пари, искуство и сигурни клиенти.

А додека фирмите бараат работници, младите продолжуваат да ги разгледуваат огласите. Плата по договор, потребно искуство, флексибилно работно време. Само уште да дознаат колку навистина ќе заработуваат.

Б.З.М.