МАКЕДОНИЈА

„Со свои раце, создадено со љубов“: 17-тото издание на Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“ ги обедини луѓето и винската традиција

Кавадарци изминативе денови живееше во знакот на виното, музиката и дружењето. Во текот на трите фестивалски дена, 17-тото издание на Фестивалот на младо вино на винарницата „Тиквеш“ повторно ги обедини љубителите на виното, деловните партнери, пријателите и соработниците на компанијата, претставниците на институциите и дипломатскиот кор, како и бројните гости од земјата и странство. Под мотото „Со свои раце, создадено со љубов“ (Handcrafted with Love), годинашниот фестивал им оддаде признание на луѓето чиј труд, знаење, искуство и посветеност се вградени во секоја капка вино, истовремено нудејќи богата винска, музичка и културна програма.

Фестивалот и оваа година беше можност гостите одблизу да ги запознаат младите вина од најновата берба, да ги дегустираат вината и жестоките пијалаци од портфолиото на „Тиквеш“ и да ја почувствуваат страста и посветеноста со кои се создаваат производите на една од најреномираните винарници во регионот.

Посебна фестивалска атмосфера донесе петочната програма „Младо младо вино“, која за првпат беше организирана оваа година од платформата Под Плута, нудејќи поинакво, современо доживување на винската традиција и создавајќи нов простор за поврзување на младите генерации со винската култура. Програмата беше збогатена со настапи на диџеи од Европа, кои со своите енергични сетови и внимателно избраната музика создадоа извонредна атмосфера и го претворија фестивалскиот простор во место за незаборавно дружење и забава. Богатата музичка програма продолжи и во наредните два дена, со впечатливи настапи на домашни и странски изведувачи, а кулминација беше настапот на светски познатата музичка ѕвезда Robin S која дополнително придонесе за уникатното фестивалско доживување.

За значењето на луѓето во создавањето на вината на „Тиквеш“, но и за вредностите што ги носи годинашното фестивалско мото, говореше претседателот на Управниот одбор на компанијата, Светозар Јаневски. Во своето обраќање, тој се осврна на предизвиците со кои се соочува современиот свет, нагласувајќи дека токму во време на неизвесност и поделби е особено важно да се зачуваат човечноста, вербата и љубовта, како и подготвеноста да се создава и да се гради подобра иднина.

„Живееме во свет кој сè повеќе брза, во кој луѓето стануваат несигурни, уморни, понекогаш и лути. Но, ние во ‘Тиквеш’ продолжуваме да работиме, со уште поголема енергија и верба. Продолжуваме да создаваме, затоа што веруваме дека токму кога сè станува потешко, не смееме да престанеме да создаваме. Нашето грозје, нашето вино не може да чека. Нашата порака е едноставна: со свои раце создаваме со љубов. Тоа е нашиот начин на живот. И веруваме дека ова може да биде добра берба – не само добра берба на грозјето, туку и добра берба на надежта“, порача Јаневски.

Тој посебно ја истакна и одговорноста на компанијата да се менува, да инвестира и да создава вредност не само за себе, туку и за пошироката заедница. Во таа насока, Јаневски ги најави амбициите на „Тиквеш“ за натамошно унапредување на одржливото работење, вклучително и преминот кон следната фаза на ESG-иницијативите, со цел винарницата да стане зелена винарија, како и започнувањето на новата иницијатива Circular Agrar, во соработка со локалната самоуправа.

„Компанијата не постои сама за себе. Компанијата е дел од општеството. И ако растеме ние, треба да расте и заедницата околу нас“, истакна Јаневски, потенцирајќи дека долгорочниот развој подразбира грижа за луѓето, животната средина и заедницата во која компанијата работи.

Говорејќи за значењето на фестивалот и неговата порака, Јаневски нагласи дека виното има посебна моќ да ги поврзува луѓето, независно од нивното потекло, јазик или култура.
„Во ‘Тиквеш’ нема поделби. За нас нема ‘овој’ и ‘оној’. Ние го сакаме нашиот сосед, го сакаме човекот без разлика од каде доаѓа. Виното не прашува кој си или од каде си, ниту на кој јазик зборуваш. Виното ги собира сите луѓе на една маса. И можеби токму затоа виното е толку важно денес, затоа што ни покажува дека можеме да бидеме различни, а сепак да бидеме заедно“, порача Јаневски, упатувајќи порака до младите да веруваат во себе, во луѓето и во можноста за создавање подобра иднина.

Препознавањето и валоризацијата на различните тероари и нивните специфични карактеристики се основа на винската филозофија на компанијата, во која секое вино го изразува автентичниот карактер на местото од кое потекнува. Потврда за оваа долгорочна посветеност се и бројните меѓународни признанија – просечно околу 100 награди годишно, освоени на најреномираните светски вински натпревари, кои го потврдуваат квалитетот и меѓународната позиција на „Тиквеш“.

Важен дел од успешната реализација на годинашното издание беа и партнерите и спонзорите на фестивалот, чија поддршка придонесе за создавањето на целокупното фестивалско доживување и реализацијата на богатата програма. Нивното партнерство уште еднаш ја потврди позицијата на Фестивалот на младо вино како препознатлива платформа што ги поврзува винската, угостителската, деловната и креативната заедница и создава можности за нови соработки и заеднички иницијативи.

Со своето 17-то издание, Фестивалот на младо вино уште еднаш ја потврди својата позиција како еден од најзначајните настани за промоција на винската култура и традиција во земјата и регионот. Но, фестивалот е и многу повеќе од прослава на младото вино, тој е прослава на луѓето, заедништвото, љубовта и вербата во иднината. Токму тие вредности се во сржта на филозофијата на „Тиквеш“, компанија која ја надградува својата богата традиција со знаење, иновации и современи пристапи, останувајќи посветена на создавањето вина и искуства што ги поврзуваат луѓето.

Фото: Александра Костадиновска