МАКЕДОНИЈА

За чварки сите се мајстори, за хигиена малкумина – купувате ли храна преку Фејсбук?

Чварки, сланина, кулен, печеница, домашни колбаси. На фотографиите изгледаат примамливо, цените се прифатливи, а продавачите ветуваат домашен квалитет и достава до врата. Сè се договара со една порака преку Фејсбук. Но, зад дел од овие огласи се кријат нерегистрирани производители, месо без декларација и простории во кои хигиената е далеку од пропишаните стандарди. Последните инспекциски контроли покажаа дека на пазарот се нудат месо и месни преработки за кои купувачите не можат да знаат ниту од каде потекнуваат, ниту во какви услови биле подготвени.

„Домашна сланина, кулен, чварки, печеница, свежо подготвени производи, достава до дома“, гласи понуда од типот што може да се сретне на социјалните мрежи.

На прв поглед, обична реклама. Убаво наредени сувомесни производи, телефонски број и можност нарачката да пристигне директно пред вратата. Нема каса, нема фискална сметка, а неретко нема ниту декларација. Купувачот практично се потпира на зборот на продавачот.

Дека ваквата продажба може да биде ризична покажуваат и последните акции на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Кон крајот на октомври, инспекторите во Радовиш одзедоа околу два тона небезбедно свежо и замрзнато месо и месни подготовки. Производите биле наменети за продажба, но по контролите било одлучено да бидат уништени на депонијата „Дрисла“.

Во исто време, во неготинското село Пепелиште бил откриен производител кој без потребното одобрение подготвувал димени месни производи и чварки, а потоа ги продавал преку социјалните мрежи. Инспекторите одзеле 50 килограми печеница, кулен, димена сланина и други месни подготовки.

„Одземените производи се без декларација за потеклото и биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови, што претставува сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите“, соопштија од АХВ.

Слична слика била откриена и во Василево. На приватен имот на сопственик на месарница инспекторите пронашле нерегистрирана комора во која се чувале 400 килограми замрзнати плескавици и ќебапи, како и дополнителни 70 килограми внатрешни органи. Целата количина била уништена, комората привремено затворена, а на правното лице му биле изречени парични казни.

Познавачите на прехранбената индустрија предупредуваат дека кај месните преработки особено е важен начинот на складирање. Доколку месото не се чува на соодветна температура, може да дојде до развој на опасни бактерии. Дополнителен проблем претставува и непознатото потекло на суровините, бидејќи без документација не може да се следи движењето на производот од производителот до купувачот.

Посебно внимание бараат чадените и сушените производи. Сланината, куленот и печеницата можат да изгледаат сосема нормално, дури и кога условите во кои биле произведени не биле соодветни. Ниту мирисот ниту изгледот не се сигурна потврда дека храната е безбедна.

Од економски аспект, нерегистрираните производители претставуваат и нелојална конкуренција за легалните месарници и преработувачи. Регистрираните фирми имаат трошоци за ветеринарни контроли, соодветни простории, опрема, документација и одржување на хигиената. Оние што работат надвор од системот можат да ги избегнат овие издатоци и да понудат пониски цени.

Сепак, домашното производство само по себе не значи дека храната е небезбедна. Проблемот настанува кога производите се продаваат без потребна регистрација, без контрола и без податоци за потеклото.

Според податоците на АХВ, од јануари до август годинава биле извршени 74.838 инспекциски надзори. Во истиот период биле уништени речиси 70 тони небезбедна храна од домашниот промет и од увоз.

Од Агенцијата најавуваат продолжување на контролите, особено кај операторите што произведуваат и продаваат храна надвор од законските процедури.

За купувачите, пак, препораката останува да проверуваат од кого купуваат, дали производите имаат декларација и дали продавачот е регистриран. Особено кога станува збор за месо што се нарачува преку интернет.

Бидејќи фотографијата на Фејсбук може да изгледа одлично, но не кажува ништо за просторијата во која се правеле чварките.

Б.З.М.