Една неплатена рата, неколку месеци доцнење со кредитот или заборавен долг на кредитната картичка можат сериозно да ви ги расипат плановите. Ќе отидете во банка да побарате кредит за автомобил, за реновирање на станот или за купување нов дом, а службеникот ќе ви соопшти дека не ги исполнувате условите.
Причината? Лоша кредитна историја. Но, тоа не значи дека вратата на банките засекогаш ви е затворена. Кредитната историја во Македонија може да се подобри, само што за тоа се потребни време, дисциплина и редовно плаќање на долговите.
Банките не гледаат само колкава плата земате и дали сте вработени на неопределено време. Ги интересира и како сте се однесувале кон претходните финансиски обврски. Дали навреме сте ги плаќале ратите, дали сте го користеле дозволениот минус, колку кредитни картички имате и дали некогаш сте доцнеле со отплатата.
Токму овие информации можат да бидат пресудни кога ќе побарате нов кредит.
Според финансиските аналитичари, првиот чекор за подобрување на кредитната историја е граѓанинот да утврди каква му е моменталната состојба. Тоа може да го направи преку Македонското кредитно биро, од каде што може да добие сопствен извештај за задолженоста.
Во извештајот се прикажуваат кредитите, кредитните картички, дозволените пречекорувања, жирантствата и други пријавени финансиски обврски. Може да се провери и историјата на доцнењата за секоја обврска во последните 24 месеци.
Економистите посочуваат дека граѓаните често прават грешка кога мислат дека со затворањето на еден проблематичен кредит автоматски ќе им се избрише и лошата историја.
Не оди тоа така. Од Македонското кредитно биро во објаснувањето на сопствениот извештај наведуваат дека задоцнетите плаќања не можат веднаш да се избришат од евиденцијата, но кредитната историја може да се поправи со навремено плаќање на следните долгови.
Финансиските познавачи советуваат најнапред да се подмират заостанатите рати, особено оние кај кои доцнењето трае подолго. Доколку граѓанинот не може одеднаш да го исплати долгот, треба да разговара со банката за можноста за репрограмирање или рефинансирање.
„Најважно е клиентот да не дозволи проблемот да се зголемува. Доколку не може да ја плати ратата, треба навреме да побара решение со банката“, е основниот совет што произлегува од практиката на управување со кредитните обврски.
Друга честа грешка е постојаното користење на дозволениот минус. Има граѓани кои практично цела година живеат со негативно салдо на сметката. Штом ќе легне платата, минусот се покрива, но веднаш потоа повторно се користи.
Самото користење на дозволеното пречекорување не значи лоша кредитна историја, но претставува задолжување што банката го зема предвид при проценувањето на кредитната способност.
Слично е и со кредитните картички. Ако имате неколку картички со искористени лимити, тоа може да ја намали вашата способност за ново задолжување. Економистите советуваат постепено намалување на ваквите долгови, наместо земање нов кредит за покривање на секоја стара обврска.
Важно е и граѓаните да проверат дали во нивниот кредитен извештај има погрешни информации.
На пример, кредитот е целосно исплатен, но во извештајот сè уште се води како активна обврска. Во таков случај може да се поднесе барање за исправка до Македонското кредитно биро, кое го проследува до институцијата што го доставила спорниот податок.
Покрај тоа, граѓаните можат бесплатно да добијат извештај за својата кредитна изложеност од Кредитниот регистар на Народната банка преку Националниот портал за електронски услуги.
Но, колку време е потребно за поправка на лошата кредитна историја?
Универзален рок нема. Сè зависи од висината на задолжувањето, должината на претходните доцнења, редовноста на новите плаќања и критериумите на банката. Неколку редовно платени рати не гарантираат автоматско одобрување нов кредит.
Затоа, пред повторно да поднесете барање за кредит, проверете што должите, затворете ги заостанатите обврски и потрудете се следните рати да ги плаќате навреме.
Банките ја гледаат и старата историја, но и начинот на кој ги исполнувате обврските сега.
Б.З.М.