КАРИЕРА

Кога е подобро да имате лош шеф на работа?

На прв поглед звучи апсурдно. Кој би посакал шеф што постојано контролира, ѕирка преку рамо, бара извештај за секоја ситница и не остава простор сами да донесете одлука? Но, истражувањата за односите на работното место покажуваат еден интересен парадокс: понекогаш токму добриот шеф, оној што ви верува и ви дава слобода, може да биде причината да преземете повеќе отколку што можете да издржите.

Сценариото е добро познато и во македонските фирми. Работникот има коректен однос со претпоставениот, шефот му верува, не му стои над глава и знае дека задачата ќе биде завршена. Потоа доаѓа уште една задача. Па уште една. „Ајде, ова само ти можеш да го завршиш“. И човекот прифаќа.

Не затоа што мора. Туку затоа што не сака да ја изневери довербата.

Истражување за односот меѓу довербата на претпоставените и вработените покажало дека чувството дека шефот ви верува навистина може да ја подобри работата, но носи и дополнителен товар. Вработените кои се сметаат за доверливи почесто чувствуваат дека од нив се очекува повеќе, се грижат да не го нарушат стекнатиот углед и на крај можат да завршат емоционално исцрпени.

Истражувачите го опишуваат овој ефект едноставно: „Довербата е меч со две острици“.

Токму тука се појавува необичната предност на построгиот, па дури и лошиот шеф.

Кога претпоставениот контролира речиси сè, вработениот има помал простор да презема дополнителни обврски на своја рака. Од него се бара конкретна задача, во конкретен рок и според конкретни правила. Тоа секако може да биде фрустрирачко, особено за поискусни работници, но границите барем се појасни.

„Проблемот почнува кога довербата автоматски станува дозвола врз истиот човек да се товари сè повеќе работа“, објаснуваат познавачите на организациското однесување.

И тука многу луѓе сами си прават замка. Добриот работник станува човекот што „секогаш може“. Колега заминал на одмор? Тој ќе покрие. Има итна работа пред крајот на работното време? Ќе остане. Треба нешто да се заврши во сабота? Ајде, само овојпат.

Само што „овојпат“ лесно станува секоја недела.

Истражувањата за лошите шефови, од друга страна, покажуваат дека проблемот не е секогаш во грубоста или во недостатокот на почит. Во голема меѓународна анализа на работници од 35 земји, околу 13 проценти од европските вработени биле оценети како луѓе што работат со лош претпоставен. Најголемата слабост кај таквите менаџери била неспособноста добро да ја организираат и завршат работата.

Тоа, се разбира, не значи дека токсичен или неспособен шеф е добар за кариерата. Напротив. Други истражувања покажуваат дека навредувањето, постојаното критикување и присвојувањето на туѓи заслуги го намалуваат ангажманот на вработените и нивната желба да преземаат иницијатива.

Но, има една лекција што вреди да се запамети.

Добар шеф не значи дека на секоја негова молба треба да одговорите со „може“. Довербата не треба да се плаќа со прекувремена работа, постојана достапност и преземање туѓи обврски.

Затоа, ако имате шеф што ве цени и ви остава слобода, најважно е сами да знаете каде ви е границата. Да кажете дека нешто не може да се заврши денес. Дека веќе имате доволно работа.

Дека за новата задача нешто друго ќе мора да почека.

Инаку може да се случи чудна работа: да имате одличен шеф, а сепак да почнете да ја мразите работата.

Б.З.М.

Тагови:работашеф