КАРИЕРА

Колку кандидати ја шминкаат“ биографијата за да добијат работа?

Една година работно искуство станува три, просечно познавање англиски јазик се претвора во одлично, а обична административна работа во раководна позиција. Кога се бара вработување, дел од кандидатите знаат добро да ја „нашминкаат“ својата биографија. Некои само малку ги разубавуваат претходните работни обврски, други додаваат вештини што ги немаат, а има и такви што не ја кажуваат вистината за образованието. Целта е иста, да се остави подобар впечаток кај работодавецот и да се добие предност пред останатите кандидати.

Истражувањата покажуваат дека ваквата практика воопшто не е ретка. Според анкета спроведена меѓу 1.250 испитаници, 27 отсто од испитаниците признале дека изнеле невистинити информации во својата професионална биографија при барање работа.

Најчесто се манипулира со податоците за образованието, работното искуство и професионалните способности. Меѓу испитаниците што признале дека лажеле, значителен дел не ја кажале вистината за своите квалификации, а други си додавале години искуство или способности што работодавецот ги барал во огласот.

Кандидат што работел во продажба може да се претстави како менаџер за односи со клиенти, оној што повремено помагал во организација на настани да наведе дека раководел со проекти, додека познавањето компјутерски програми неретко се опишува со многу посилни зборови отколку што го дозволува вистинското знаење.

Познавaчите на процесите на вработување укажуваат дека најголемиот проблем настанува кога кандидатот ќе добие работа за која реално нема доволно знаење.

„Кандидатите понекогаш ги преувеличуваат своите способности бидејќи не ги исполнуваат сите барани услови, но веруваат дека на тој начин полесно ќе стигнат до посакуваната позиција“, се наведува во оценката.

Од друга страна, работодавците сè почесто се соочуваат со потребата да проверуваат дали наведените информации се точни. Особено кога станува збор за дипломи, сертификати, претходни работни позиции и познавање странски јазици.

Во Македонија, каде што огласите за вработување неретко бараат повеќе различни способности од еден кандидат, разликата меѓу реалното искуство и она што е наведено во биографијата може да излезе на виделина уште на првото интервју.

На пример, кандидат што навел дека течно зборува англиски јазик може веднаш да биде проверен преку разговор на англиски. Слично е и со компјутерските вештини, каде што практична задача лесно може да покаже колку навистина знае лицето што конкурира.

Интересно е што дел од кандидатите не се обидуваат само да добијат работно место, туку и подобра плата. Во постарото американско истражување, 65 отсто од испитаниците што лажеле при вработувањето изјавиле дека тоа им помогнало да обезбедат повисоки примања.

Сепак, ваквата тактика носи ризици. Специјалистите за човечки ресурси предупредуваат дека откривањето неточни информации може да значи губење на шансата за вработување, а понекогаш и нарушување на професионалниот углед.

„Доколку откријам дека кандидат лаже во биографијата или на интервјуто, повеќе не би соработувала со него. Работодавците и лицата задолжени за вработување ги паметат ваквите случаи, а последиците можат да се чувствуваат со години“, предупредува советник за вработување во анализата.

Познавачите на човечките ресурси прават разлика меѓу добро напишана биографија и намерно внесување лажни податоци. Едно е кандидатот јасно да ги претстави своите вистински способности, а сосема друго да наведе диплома што ја нема или работно искуство што никогаш не го стекнал.

Бидејќи и најдобро составената биографија на крајот треба да се потврди со работа. А таму веќе нема многу простор за шминкање.

Б.З.М.