КАРИЕРА

Планирате ли деца, од што боледувате, за кого гласате? Еве што газдата не смее да ве праша на работа

Разговорот за работа треба да почне со прашања за искуството, образованието и платата. Но, што ако наместо тоа работодавачот ве праша дали сте во брак, колку деца имате, дали планирате бременост или од каква болест сте боледувале?

Многумина, сакајќи да остават добар впечаток и да го добијат работното место, одговараат и на прашања што немаат никаква врска со работата.

Македонското законодавство, сепак, поставува јасни граници за тоа што работодавачот смее да бара од кандидатот, но и какви информации може да собира за веќе вработените.

Според Законот за работните односи, работодавачот има право да побара докази дека кандидатот ги исполнува условите за конкретното работно место. Тоа подразбира диплома, сертификат, доказ за работно искуство или проверка на стручните способности.

Но, семејните планови не се дел од професионалните квалификации.

Во членот 25 од законот изречно е наведено дека работодавачот не смее да бара податоци за брачниот и семејниот статус или за планирањето семејство. Забрането е и условување на вработувањето со доставување тест за бременост.

„Кандидатот не е должен да одговара на прашањата кои не се во непосредна врска со работниот однос“, стои во членот 26 од Законот за работните односи.

Ова значи дека прашањата дали жената планира да забремени, кога ќе има второ дете или кој ќе ги чува децата додека таа работи не смеат да бидат услов за добивање работа.

Познавачите на трудовото право укажуваат дека постои разлика меѓу проверка на способностите на кандидатот и навлегување во неговиот приватен живот. Работодавачот може да утврди дали лицето е способно да ја извршува работата, но не може произволно да бара медицински информации што немаат врска со работното место.

Законот предвидува и можност за здравствен преглед на трошок на работодавачот, но проверката мора да биде поврзана со конкретните работни обврски.

Камери, отпечатоци и следење на работниците

Посебна приказна е контролата на работниците откако ќе бидат примени на работа.

Со развојот на технологијата, компаниите располагаат со сè повеќе можности за следење на присуството, движењето и активностите на вработените. Некои системи користат отпечатоци од прсти, препознавање лице или други биометриски податоци.

Но, техничката можност не значи и законска дозвола.

Биометриските податоци се особено чувствителни бидејќи овозможуваат единствена идентификација на човекот. Нивната обработка подлежи на строги правила и не може да се оправда само со желбата на работодавачот полесно да го контролира работното време.

Агенцијата за заштита на личните податоци укажува дека „мешањето“ на работодавецот во приватноста на вработените треба да се сведе на минимум.

Според насоките на Агенцијата, работниците мора да бидат информирани за видеонадзорот, како и за тоа кои лични податоци се собираат, зошто се обработуваат и за што ќе се користат.

Работодавачот, на пример, може да има оправдана потреба да постави камери за заштита на имотот, но тоа не му дава неограничено право да ја следи секоја активност на работникот.

Правниците што се занимаваат со заштита на приватноста прават разлика и меѓу обичните податоци потребни за вработување и чувствителните информации за здравјето, верските убедувања или политичките ставови. За нивната обработка важат посебни ограничувања.

Што се случува со вашата биографија ако не ве примат?

Малкумина размислуваат и за тоа каде завршува нивната биографија по неуспешен конкурс.

Агенцијата за заштита на личните податоци објаснува дека работодавачите не смеат неограничено да ги задржуваат документите на одбиените кандидати.

Според објавените насоки, без изречна писмена согласност за понатамошно чување, биографиите со личните податоци треба да бидат вратени или избришани по завршувањето на изборот.

Тоа важи и за документите испратени електронски.

Работодавачот, од друга страна, има законска обврска да располага со одредени податоци за вработените, како матичен број, адреса, образование и работен стаж, за водење евиденција, осигурување и плаќање придонеси.

Границата е во целта за која се собираат информациите. Податоците потребни за пресметка на плата се едно, а љубопитноста за приватниот живот на работникот е нешто сосема друго.

Затоа, следниот пат кога на разговор за работа ќе ве прашаат кога планирате свадба или деца, не мора да смислувате изговор. Законот ви дозволува едноставно да не одговорите.

Б.З.М.