Заборавете на формалните писма со „Ви благодарам за укажаната можност“ и „Ви посакувам успех во понатамошното работење“. Новата генерација вработени очигледно има поинаков пристап.
На социјалните мрежи вирално се шират примери на откази од припадници на генерацијата Z, а некои од нив повеќе личат на последна порака до поранешен партнер отколку на документ испратен до Човечки Ресурси.
Еден од највпечатливите примери е напишан на салфетка.
„Го избрав овој тип хартија за мојот отказ како симбол за начинот на кој оваа компанија се однесуваше кон мене. Давам отказ!“
Друг вработен бил уште пократок. На челото напишал само: „I QUIT“.
Но можеби најдобро расположението го опишува отказот во кој вработен му пишува на својот шеф: „Поминав доволно време преправајќи се дека начинот на кој функционира ова место е нормален“. Потоа додава дека нема потреба ниту од излезно интервју, бидејќи сè што имал да каже веќе го кажал „во својата глава околу 400 пати“.
Во друг пример, целиот отказ е испратен како обична порака: „По внимателно размислување, приближно четири минути, решив да дадам отказ“. И продолжува со реченицата што веројатно ниту еден HR сектор не сака да ја прочита: „Сфатив дека моите таленти се подобро искористени буквално каде било на друго место“.
Смешно е, но зад шегата има нешто посериозно
Ваквите откази лесно можат да се сведат на уште една интернет-забава и да се прогласат младите за „непрофесионални“. Но тие истовремено покажуваат и една многу поголема промена.
За дел од помладите работници, работното место повеќе не е институција пред која мора да се молчи по секоја цена. Лојалноста кон компанијата не се подразбира само затоа што некој добива плата, а титулата на менаџерот автоматски не значи и авторитет.
Ако сметаат дека средината е токсична, дека не се почитувани или дека работата едноставно не вреди за стресот што го носи, многумина се многу поподготвени да заминат.
И понекогаш, очигледно, без многу дипломатски реченици.
Една од виралните пораки завршува вака: „Мојот лаптоп е на бирото. Мојата волја за работа не е“. Тоа можеби е шега за Instagram.
Но за работодавачите има и една прилично сериозна порака.
Новите генерации не го менуваат само начинот на кој бараат работа, туку го менуваат и начинот на кој си заминуваат од неа.
А кога вработен ќе стигне до момент отказот да го напише на салфетка, можеби прашањето за менаџментот не е само „Како можеше вака да даде отказ?“ туку и „Што се случувало претходно за да посака да го направи на овој начин?“