СВЕТ

Кина и Канада се договорија за понатамошно намалување на царините

Кина и Канада се согласија за дополнително намалување на царините за одредени производи, по разговорите меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и канадскиот премиер Марк Карни во Шенжен, објави канадската влада.

Според договорот, Кина ќе ги ублажи царините за увоз на канадско свинско месо, риба и морски плодови, додека Канада ќе ги продолжи постојните царински ослободувања за кинески челик и алуминиум за две години и ќе ги прошири на уште 32 категории на производи.

Двете земји, исто така, се согласија да ја продлабочат соработката во економијата и финансиите, електронската трговија, образованието и заштитата на животната средина.

Договорот претставува продолжување на зближувањето меѓу двете земји по неколку години затегнати односи. Си и Карни објавија поблиско партнерство во Пекинг во јануари и се согласија да ги намалат кинеските царини за канадските земјоделски производи во замена за полесен пристап до канадскиот пазар за кинески електрични автомобили.

Зближувањето меѓу Отава и Пекинг доаѓа во време на трговски тензии со Вашингтон, бидејќи високите царини што американскиот претседател Доналд Трамп ги наметна на Канада го натераа Карни да бара алтернативни пазари и да ја намали зависноста на канадската економија од САД.

Разговорите се одржаа пред самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Шенжен, каде што се очекува Трамп и други светски лидери да присуствуваат оваа недела. Според најавата, Си, Трамп и рускиот претседател Владимир Путин треба да го одржат првиот трилатерален состанок на маргините на самитот.