СВЕТ

ММФ: Европа мора да ги забрза реформите ако сака да ги издржи следните кризи

Европа мора да ги забрза реформите ако сака да ги издржи следните кризи, предупредува Матеуш Шчурек, кој раководи со европскиот оддел на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Европа сè уште не излегла од опасната зона, а нејзиниот економски раст останува „кревок и слаб“, истакнува тој, иако нагласува дека економијата на регионот покажала забележителна отпорност на шокот предизвикан од војната на Блискиот Исток.

„Засега Европа го поднесе енергетскиот шок подобро отколку што можеше да се очекува. Тоа особено се должи на енергетската транзиција, која ја намалува зависноста од увозот на фосилни горива“, изјави Шчурек пред новинарите.

Во својата ажурирана есенска економска прогноза, ММФ објави дека очекува економски раст од 1,2 отсто во еврозоната во 2026-та година (без Ирска), по што следната година се очекува забавување на 1,1 отсто.

Очекуваниот раст е толку слаб што „дури и релативно мали потреси можат да создадат ризик од рецесија“, предупредува Матеуш Шчурек.

„Време е за дејствување“

Покрај претпазливата монетарна и фискална политика во услови на забрзана инфлација, ММФ им препорачува на европските држави да ја продолжат енергетската транзиција и да спроведат реформи што можат да го зголемат нивниот потенцијал за економски раст. Меѓу нив се мерките за зајакнување на единствениот европски пазар, како и реформите на национално ниво.

„Време е за дејствување“, нагласува Шчурек.

Според него, високите цени на енергенсите и натаму ќе претставуваат товар за економијата. Растот на приносите на државните обврзници е предупредувачки сигнал дека фискалните предизвици не смеат да се занемаруваат, додава тој.

Во врска со Франција, која се соочува со политичка неизвесност во пресрет на претседателските избори, претставникот на ММФ повика буџетот за 2027-ма година да биде усвоен „што е можно поскоро“.

Според него, „изборите ќе бидат можност да се утврди насока што ќе го поврзе заздравувањето на јавните финансии, неопходно за нивно поставување на одржлив пат, со реформи насочени кон зајакнување на економскиот раст на среден рок“.