СВЕТ

Сингапур сака поголем удел на светскиот пазар на злато

Сингапур вложува сè поголеми напори за да се наметне како еден од главните играчи на светскиот пазар на злато, сметајќи дека новата услуга за складирање злато во централната банка и даночните поволности ќе му помогнат да привлече поголем дел од трговијата со златни прачки.

Монетарната управа на Сингапур започна услуга за складирање злато наменета за странски централни банки и суверени институции, со почетен капацитет од 500 метрички тони, пишува „CNBC“.

Градот-држава планира да воведе и даночни олеснувања за одредени услуги на големо поврзани со златото, како што се складирање, рафинирање, претопување, тестирање и брокерско посредување.

Во јуни Сингапур ги претстави плановите за воспоставување физички систем за клиринг на злато, со кој ќе се олесни порамнувањето на трансакциите со златни прачки. Се очекува системот да започне со работа во првиот квартал на 2027-ма година.

Овие иницијативи се најновиот обид на земјата да се наметне како клучен центар за трговија со злато, покрај веќе етаблираните центри како Лондон и Швајцарија, во време кога сè поголем дел од трговијата со овој благороден метал се префрла во Азија.

Влезот на пазарот со кој доминираат веќе етаблирани трговски центри може да биде тежок предизвик. На пример, кон крајот на октомври, во лондонските трезори се чувале околу 9.850 метрички тони злато во сопственост на трговци и централни банки.

И Хонгконг ја проширува својата инфраструктура за складирање и клиринг на злато, користејќи ја близината до Кина, најголемиот пазар на злато во светот.

„Сингапур многу доцни, бидејќи за изградба на физички центар е потребен обем на трговија, особено кога станува збор за структури поддржани од трговски активности“, вели Јирг Кинер, главен инвестициски директор во „Swiss Asia Capital“.

„Најголемиот пазар на злато е Кина, а нејзиниот прозорец кон остатокот од светот е Хонгконг“, изјави тој за „CNBC3, додавајќи дека Сингапур не е во добра позиција да му конкурира на Хонгконг во трговијата обезбедена со злато.

Според Кинер, Сингапур наместо тоа би можел да изгради сопствена ниша во физичкото складирање злато за финансиските институции, иако комерцијални услуги за чување злато веќе се нудат во градот-држава.

Амбиции за складирање злато

За разлика од комерцијалните трезори, новиот објект ќе биде управуван од Централната банка на Сингапур и на странските монетарни власти ќе им понуди алтернативна суверена институција за чување на нивните златни резерви.

„Ова не е нешто што често го гледаме на пазарот на злато или во заедницата на централните банки“, коментира Шаокај Фан, глобален раководител за централни банки во Светскиот совет за злато.

Овој потег доаѓа во време кога централните банки сè почесто преиспитуваат каде ги чуваат своите златни резерви поради геополитичките тензии, вели Фан. Во последните 12 месеци неколку држави ја диверзифицирале локацијата на своите златни резерви, а многу други планираат да го направат тоа, се наведува во извештајот на Светскиот совет за злато објавен во септември.

„Политичката стабилност на Сингапур, силната правна рамка и широката поврзаност со меѓународниот авионски сообраќај би можеле да го направат привлечна алтернатива на традиционалните центри за складирање злато“, додава тој.

Николас Кавалис, извршен директор на „Metals Focus“, смета дека услугата за суверено складирање претставува важно дополнување на постојната инфраструктура за злато во Сингапур. Сепак, предупредува дека самото складирање нема да биде доволно за да се создаде целосно функционален пазар на златни прачки.

Поголемиот предизвик е да се изгради доволна ликвидност и трговска активност за Сингапур да може да му конкурира на Лондон, кој доминира на глобалниот вонберзански пазар на злато.

Кавалис посочува дека и Сингапур и Хонгконг сè уште ја развиваат својата локална инфраструктура за клиринг, што значи дека ниту еден од нив досега не ја изградил длабоката трговска екосистема врз која се темели доминацијата на Лондон.

Привлекувањето златни резерви од централните банки би можело да му помогне на Сингапур да ја изгради потребната ликвидност, особено ако златните прачки што се чуваат таму можат да се користат за трансакции, наместо само да бидат оставени на чување.

Потенцијал за раст

Напорите на Сингапур доаѓаат во време кога тековите на злато веќе претрпеа значителни промени во последната деценија.

Историски гледано, голем дел од златните прачки во светот минувале низ Лондон и Швајцарија, каде што се тргувале или рафинирале големи златни прачки пред да бидат испратени на азиските пазари.

Проширувањето на азиските рафинерии и растечката регионална побарувачка сè повеќе овозможуваат златото да се движи директно меѓу азиските пазари. Со тоа се намалува нивната зависност од европските трговски центри, вели Кавалис.

Развојот на посовремени центри за трговија со злато во Азија би можел дополнително да ја забрза оваа промена.

„Хонгконг би можел да има предност во привлекувањето централни банки и институции чии финансиски активности се тесно поврзани со Кина. Сингапур, пак, би можел да биде попривлечен за оние што веќе се активни на банкарските и финансиските пазари“, додава Кавалис.

Фан гледа можност за раст и на двата центри.

„Гледаме дека двата центри меѓусебно се надополнуваат, наместо да се натпреваруваат еден со друг“, смета тој.

Вицепремиерот на Сингапур, Ган Ким Јонг, исто така ги отфрла претпоставките дека двата финансиски центри се обидуваат да освојат поголем дел од ист колач. Тој посочува дека услугата за складирање благородни метали во Сингапур ќе им понуди на централните банки уште една можност за диверзификација на локациите на кои ги чуваат своите резерви.

„Ситуацијата е малку како прашањето што било прво – кокошката или јајцето: за да привлечете обем на трговија, потребна ви е ликвидност, а за да имате ликвидност, потребен ви е обем на трговија“, истакнува Фан.