ЗДРАВЈЕ

Кардиолог: Умереното консумирање на оваа намирница е добро за срцето

Консумирањето темно чоколадо е поврзано со подобро кардиоваскуларно здравје, што го потврди и ново истражување објавено во списанието „European Journal of Preventive Cardiology“.

Студијата, во која биле опфатени повеќе од 336.000 испитаници, утврдила дека флавоноидите и антиоксидансите од чистото какао имаат позитивно влијание врз здравјето на срцето.

Кардиологот Аурелио Рохас во едно од своите неодамнешни видеа ги коментирал резултатите.

„Истражувачите откриле дека луѓето кои јаделе темно чоколадо повеќе од еднаш неделно имале до осум отсто помал ризик од срцев удар“, објаснил Рохас.

Станува збор за резултат што не подразбира големи промени во животните навики.

Не е секое чоколадо корисно

Студијата се однесува исклучиво на чоколадо со висок процент на какао. Здравствените придобивки не се однесуваат на млечното чоколадо или на варијантите со лешници, туку само на оние што содржат повеќе од 70 отсто какао.

Правилото е едноставно: колку е поголем процентот на какао, толку се поголеми и потенцијалните здравствени придобивки.

Како какаото го штити срцето

Во студијата е објаснет и механизмот на дејствување.

„Темното чоколадо е богато со какао, кое содржи флавоноиди и полифеноли. Тие можат да ја подобрат функцијата на артериите, да ги намалат воспалителните процеси и да го поттикнат производството на азотен оксид – клучна молекула за заштита на срцето“, се наведува во објаснувањето.

Освен намалениот ризик од срцев удар, истражувањето покажало и други позитивни ефекти. Меѓу нив се подобра контрола на крвниот притисок и намалена оксидација на таканаречениот „лош“ холестерол.

Рохас на крајот дава и конкретна препорака.

„Затоа избирајте чоколадо што содржи меѓу 70 и 85 отсто какао и консумирајте го умерено, не повеќе од 10 грама дневно“, советува кардиологот.