Пиењето вода од пластични шишиња, освен што ѝ штети на животната средина, може да претставува и сериозен ризик за здравјето.
На тоа предупредува италијанскиот инфектолог Матео Басети, кој проценува дека секоја недела во организмот внесуваме количество микропластика еднакво на тежината на една кредитна картичка, пишува „AS“.
Басети, лекар во болницата „San Martino“ во Џенова, објаснува дека проблемот често не е во самата вода.
„Знаете ли што има во пластичните шишиња? Во 64 отсто од случаите тоа е вода од чешма, каква што имате дома, на која можеби ѝ е додаден филтер за подобрување на вкусот“, вели тој.
Проблемот е во амбалажата и долгото складирање. Водата во шишињата во просек стои меѓу една и пет години, а шишињата често не се чуваат на соодветен начин.
„Често стојат на отворено и се изложени на сонце, поради што пластиката достигнува високи температури“, наведува Басети. Поради тоа, додава тој, „пластичните честички навлегуваат во самата течност“.
Влијание врз здравјето
Внесувањето микропластика во организмот, според зборовите на Басети, може да има сериозни последици.
„Предизвикуваат воспаленија“, истакнува тој и објаснува дека со текот на времето тоа може да доведе до развој на хронични воспалителни состојби.
Иако понекогаш е тешко целосно да се избегнат пластичните шишиња, Басети советува да не се користат секојдневно, особено во домашни услови.
„Пијте вода од чешма и, секогаш кога имате можност да избирате, одлучете се за стакло. Тоа несомнено е подобро од пластиката и не испушта микрочестички кои, да потсетам, предизвикуваат воспаленија во целиот организам“, заклучи тој.