МАКЕДОНИЈА

Грција е прв избор, но и Албанија и Србија не се за фрлање – каде најчесто Македонците купуваат станови?

Сè повеќе македонски граѓани парите за стан ги вложуваат надвор од Македонија, а најголем интерес има за недвижностите во соседна Грција. Наместо стан во Скопје или викендичка во некое од домашните туристички места, дел од купувачите се решаваат за апартман покрај море, кој ќе го користат за одмор, но и ќе го издаваат на туристи. Во игра се и Албанија и Србија, додека цените на становите во Македонија продолжуваат да растат.

Колку е голем интересот за купување недвижности во странство, најдобро покажуваат податоците на Банката на Грција. Само во 2025 година, македонските резиденти вложиле 21 милион евра во недвижности кај јужниот сосед, што претставува рекорд. Во последните пет години вредноста на инвестициите достигнала околу 68 милиони евра.

Најбарани се становите и помалите апартмани на Халкидики, во Солун и во околните туристички места. Купувачите најчесто бараат недвижности од триесетина до педесетина квадратни метри, доволни за семеен одмор, но и погодни за издавање во летната сезона.

Цените, сепак, веќе не се толку ниски како пред неколку години. Во понудата на грчките агенции може да се најде студио од 29 квадратни метри во Солун за 90.000 евра, додека апартман од 53 квадрати се нуди за 110.000 евра. На Халкидики, студио од 35 квадратни метри во Каликратија се продава за 95.000 евра, а мезонета од 70 квадрати во Ситонија за 160.000 евра.

Познавачите на пазарот на недвижности посочуваат дека цената не е единствениот критериум при купувањето. Важни се и местоположбата, оддалеченоста од плажата, староста на објектот и можноста станот да се издава.

Албанија станува сè поинтересна за купувачите од Македонија. Особено се бараат недвижности во Саранда, Валона и другите приморски места. Во огласите наменети за македонскиот пазар можат да се најдат и станови од 54 квадратни метри во Валона за околу 83.000 евра.

Причината за интересот е слична како и во Грција. Купувачите сакаат стан на море, но истовремено гледаат и можност за заработка од туристичко издавање. Дел од нив купуваат недвижности со намера по неколку години да ги продадат доколку цените пораснат.

Интерес има и за Србија, но таму купувањето почесто се поврзува со станбени и инвестициски потреби, наместо со летен одмор. Белград и поголемите градови се меѓу пазарите што ги разгледуваат купувачите од регионот. Сепак, за Албанија и Србија нема споредливи официјални бројки што би покажале колку македонски граѓани навистина купиле станови.

Економистите предупредуваат дека при купување стан во странство не треба да се гледа само цената од огласот. Дополнителните трошоци можат значително да ја зголемат конечната сума.

„Купувачите мора да ги проучат локалните прописи и даночниот систем“, советуваат познавачите на пазарот на недвижности, посочувајќи дека е важно да се ангажира локален посредник и да се проверат сите обврски пред потпишување договор.

Освен даноците и нотарските трошоци, треба да се пресметаат и агенциските провизии, одржувањето на станот и годишните давачки. За апартман што се купува за издавање, дополнително се важни должината на туристичката сезона и трошоците за управување со имотот.

Во Македонија, пак, високите цени на становите дополнително ги поттикнуваат споредбите со соседството. Во Скопје веќе има недвижности што се продаваат по цени споредливи со становите во делови од Солун, па купувачите со поголем буџет сè почесто ги разгледуваат и двете можности.

Засега Грција останува најсилно потврдената странска дестинација за вложувања на македонските граѓани во недвижности. Но, со поскапувањето на грчките станови и можните промени во даночните правила, дел од купувачите веќе ги разгледуваат и другите пазари во соседството.

Б.З.М.