Млекарницата Здравје Радово денес напладне во Скопје го промовираше новиот функционален јогурт Здравје +, а воедно најави дека наскоро ќе отвори нов производствен капацитет во Битола и ќе отвори нови работни места.
Со новиот јогурт, Здравје Радово ја збогати палетата на висококвалитетни млечни производи, во кои се и стандардните јогурти Здравје со 3,2 и 1,5 масленост.
Извршниот директор на компанијата Панделе Панделески истакна дека виталноста, енергијата и хармонијата биле трите столба на кои што работеле технолозите на фабриката при изработката на новиот јогурт.
„Овој производ е наменет за сите оние кои внимаваат на себе и на своето здравје. За деновите кога виталноста значи се, кога е потребна енергија плус, и кога хармонијата е движечка сила која носи здравје. Новиот функционален јогурт Здравје + го раздвижува дигестивниот систем, создавајќи рамнотежа во организмот на нашите консументи“ изјави Панделески.
Директорката на маркетинг Милка Исјановска посочи дека компанијата внимателно ја разработувала целата стратегија, од дизајн до маркетинг алатки.
„Големите компании како Млекара Здравје Радово не треба само да го следат вкусот на консументите, тие треба да бидат креатори на здрави и квалитетни вкусови. Одговорноста кон потрошувачите е огромна, затоа ќе продолжиме да инвестираме во здравјето на нашите потрошувачи. Здравје + е функционален високо квалитетен јогурт каков што заслужуваат нашите консументи“, рече Исјановска.
Од компанијата најавија дека до крајот на годината ќе биде отворена целосно нова модерна фабрика во Битола која ќе работи со нова технологија и ќе ги исполнува највисоките стандарди.
Директорот Панделески појасни дека потребата за нова фабрика се наметнала од зголемената побарувачка и со отворањето на можноста за извоз на големиот руски пазар.
„Големата побарувачка на наши производи ја наметна потребата од дополнителни капацитети за производство. Со гордост можам да најавам дека во овие турбулентни времиња кај нас и во поширокото опкружување, одлучивме да инвестираме во нов, четврти капацитет“, рече Панделески, додавајќи дека тоа ќе биде можност за вработувања на нови лица.
Исјановска, пак, најави дека како први производи кои ќе излезат од новиот капацитет ќе бидат ухт и свежото млеко во нови модернизирани пакувања.
Млекарницата Здравје Радово, која започна со осум вработени и дневна обработка на 2.500 литри млеко, денес има над 340 вработени, а капацитетот за обработка надминува 100.000 литри млеко на ден.