Македонскиот Економски Самит во организација на Македонија 2025 започна на 18-ти ноември со ден наменет за младите професионалци, а 19-ти и 20-ти ноември се официјалните работни денови на Самитот.
Настанот се одржува по трет пат во Македонија и има за цел да ја поттикне и напредне дискусијата за економскиот развој, да ги претстави динамичните сектори и предностите на земјата.
Организаторот смета дека оваа година е многу важна за економскиот развој на земјата. Во изминатите неколку години дојдоа повеќе странски инвестиции, а во домашната економија се почувствува нова динамика. На ред е да се консолидираат домашните компании, односно да се поттикнат нови, понапредни и подинамични компании што ќе бидат проактивни во извозот на производи и услуги. Самитот, велат од Македонија2025, е силен бран што го продолжува континуитетот преку замислување како би изгледал натамошниот економски развој за нашата земја.
На самитот ќе учествуваат околу 40 експерти од Македонија и 20 други земји, меѓу кои има навистина влијателни луѓе што се активно инволвирани во трансформативни процеси низ светот. Некои од нив се Томи Т. Ахонен кој е советник за мобилна телефонија на земји како Сингапур, Ника Гилаури кој како премиер на Грузија остварил значителни промени во земјата, Џон Битов кој е еден од најуспешните канадски претприемачи со македонско потекло, Хери Кремер, Професор по лидерство на Келог Школата за Менаџмент и други.
На самитот ќе има 8 панел-дискусии, неколку интерактивни настани за запознавање и поврзување и ден за спортски активности „самитот е прекрасна можност да видиме што прават најдобите во светот и да научиме од нив“, изјави Мајк Зафировски, еден од основачите на Македонија 2025.